– Преведувањето се врши поради интересот кој го покажуваат неколку странски донатори за поддржување на проектот. Сепак, поради долгиот процес на преговарање во моментов не можеме да потврдиме за кој донатор станува збор, но можеме да кажеме дека Центарот за развој на Југозападниот плански регион е максимално ангажиран да најде решение за овој проблем кој особено ескалира во текот на летните месеци кога неколкукратно се зголемува концентрацијата на населението на овој потег, велат од Центарот.
Физибилити студијата за одведување и третман на отпадни води од населените места и објектите на потегот од Градиште до Свети Наум од страна на Центарот за развој на Југозападниот плански регион, пред јавноста беше презенитиран на крајот на минатата година.
Раководителот на Центарот за развој на Југозападниот плански регион Мирјана Лозаноска при тоа потсети дека се работи за проект со решенија за одведување на отпадните води во постојниот колекторски систем или нивно локално пречистување во населените места Трпејца и Љубаништа, автокамповите „Градиште“ и „Свети Наум“ и туристичкиот комплекс Свети Наум.
– Целта на овој проект е да се намали деградацијата на квалитетот на водата во Охридското Езеро, особено да се дефинираат и понудат најповолните технички и економско-финансиски решенија, кои потоа би послужиле како основа за натамошна реализација на проектот, преку изработка на детална техничка документација со основен проект и изведба на самиот систем, рече Лозаноска на презентацијата.
Изработувачи на проектот за решавање на проблемот со отпадни води на овој дел од охридското крајбрежје се фирмите „Хидроенерго инженеринг” и „Поинтпро” од Скопје.