За Студенчишко блато ќе биде изработена нова студија, согласно која ќе се пристапи кон заштита на овој нераскинлив дел од Охридското Езеро и истиот ќе се стави во функција на развој на туризмот, најави општина Охрид. Според Студијата изработена во 2012 година, утврдено е дека Студенчишкото блато се протега на површина од 63, 97 хектари, од тоа зона за одржливо искористување е 27, 58 хектари, зона за активно управување 20,74 хектари, а строго заштитената зона се протега на површена од 16,5 хектари.

Студијата за блатото ќе се ревалоризира, односно ќе се изработи нова, вели портпаролот на општина Охрид Томе Џамтоски. Причина за тоа се промените на просторот каде е изградена пешачка патека и потребата од нови содржини кои ќе бидат во функција на зачувување на еко системот и негова валоризација во туристички цели. За тоа во текот на овој месец ќе се одржи голема донаторска конференција под покровителство на премиерот Заев, истакна Џамтоски.

-Се очекува на оваа донаторска конференција да има повеќе меѓународни организаации, очекуваме успех и конечно вистинска ревитализација на Студенчишкото блато и ставање во функција на истото како природен филтер на Езерото и се разбира како нова туристичка атракција. – изјави Џамтоски.

Новата студија треба да ги дообјасни придобивките од Студенчишкото блато наведени во старата студија, а не да ги поништи, велат од движењето „Охрид SOS“, кое изработи предлог проект кој во блатото предвидува научни и едукативни содржини во функција на еколошка заштита и развој на туризмот.

– Изгрдба на патека на колци, набљудувачници за птици, поставување на камери и пренос на животот во блатото на специјален канал, следење на ревитализацијата на блатниот систем и на одредени ретки животински и растителни видови и птици, како што е видрата која е европски заштитен вид, а која ја има во блатото и каналот Студенчишта, потоа поставување на информативни табли и ред други идеи кои ќе ја подигнат еколошката свест и ќе го промовират Студенчишкото блато. – изјави Трајче Талески од движењето „Охрид SOS“.

Од општината велат дека предлoзите на движењето Охрид СОС ќе бидат инкорпорирани во новата студија за Студенчишкото блато. Со неа се предвидува дислокација на јавното претпријатие „Охридски Комуналец“ од блатото, отстранување на стотиците тони градежен шут и цврст отпад депонирани на овој простор во минатото, како и ископ на канали за ревитализација на уништените делови од еко системот.

-Доколку не се отстрани депонираниот отпад, исто како да не сме направиле ништо. – додава Џамтоски.

Паралелно со сето ова се разгледува и опцијата за дислокација на Езерската полиција и Центарот за обука на вода на АРМ од брегот на каналот Студенчишта каде би се изградба на марина. Но, оваа идеја засега е само во фаза на разгледување, потенцираат од Општина Охрид

Што ќе понуди новата стратегија што ќе ја направиме, тогаш ќе разговараме дали таму ќе има марина. – истакна портпаролот Џамтоски.

Скопската проектантска куќа „Тетрактис“ изработи елаборат за изградба на марина. Оттаму велат дека предлог проектот е изработен во согласност со највисоките европски стандарди за заштита на животната средина. Додаваат дека марината мора да претставува интегрално решение за целото Студенчишко блато, а не проблем. Проектот на „Тетрактис“ предвидува проширување на каналот и изградба на инфраструктура од дрво и други природни материјали.

Елаборатот на проектантската куќа „Тетрактис“ предвидува уште една локација за изградба на марина на брегот на Охридското Езеро, на самиот кеј, одноно во продолжение на градското пристаниште во правец на старото пристаниште пред хотелот „Палас“. Проектот за марина во градот предвидува на постојното крило да се догради ново со што според проектантот, таа ќе се заштити од „Стрмецот“ и архитектонски и естетски ќе се оформи просторот кој во седумдесеттите години од минатиот век функционираше како плажа.

Што од предложените проекти и идеи на екологистите и стручната јавност ќе биде прифатено, можеби ќе се знае уште овој месец, дотолку повеќе што според локалната самоуправа на најавената донаторска конференција, ќе и претходи посебна седница на Владата, на која ќе се дискутира за актуелните проблеми и развојни планови на Охрид.

Горан Момироски