По неколкучасовна расправа советот го изгласа буџетот за 2015 во износ од 913. 900. 000 денари. Според советниците од опозицијата, се работи за уште еден нереално проектиран буџет, кој најверојатно кон крајот на годината ќе биде подложен на ребаланс.
– Толквиот износ на буџет кој ќе нема развојна компонента во одвивањето на животот на граѓаните се должи, според нас, на два главни фактори- недоволните извори на финансирање кои се согласно втората фаза на децентрализацијата поставени од централната власт. Во ситуција кога најголем дел од приходите не се автохтони во општините ќе има вакви нископроектирани буџети. Вториот фактор се однесува на нерамномерната регионална поставеност на развојот , односно од централниот буџет се издвојуваат околу 300 евра по глава на жител во Скопје, а во останатите урбани заедници само 200 евра по глава на жител .Па така во Скопје се инвестираат 90% од инвестициите кои ги презема централаната власт и во вакви услови ниеден градоначалник не може да биде маѓионичар па да постави поголем буџетски приход и да ги оствари сите желби и потреби на граѓаните, рече координаторот на советничката група на СДСМ, Јован Стојаноски.
Советникот од ЛДП, Дејан Блажески обвини дека долгот на општината не е во висина во која се прикажува, туку е двојно понизок. Повикувајќи се на официјалната документација, тој тврди дека општината должи 909 милиони денари, односно 15 милиони евра, а не како што се тврдело 30 милиони.
– Побарав како советник ставка 220 односно колку е долгот на општината за еднаш засекогаш да разјасниме, но не сакаа да ми одговорат. Она што го пишува во овој документ е дека долгот е една милијарда и 800 милиони денари . Ако долгот не е толку тогаш прашувам колку изнесува тој спрема ГП „Гранит“ и во времето на кој градоначалник тој долг е направен, праша Блажески.
Градоначалникот Никола Бакрачески смета дека повторно се прави обид за изнесување погрешни информации во јавноста со цел добивање ситно политички поени.
– Задолжувањето на општина Охрид на 4ти април 2013 година, тогаш кога јас го добив мандатот, долгот изнесуваше 2 милјарди 38 милиони денари. Ова сум го кажал многу пати досега и се чудам зошто повторно за ова се зборува. Доколку сакате ќе ви овозможиме увид на документите со кои располага општината, а кои се однесуваат на тој долг, изјави Бакрачески.
Градоначалникот додаде дека буџетот за 2015 година ги одразува реалните состојби во општина Охрид ако се земе во предвид она што значи задолжување и обврска на општината да ги сервисира долговите кон сите доверители на кои општината им должи и дека буџетот за 2015-та година овозможува развој онака како што е проектиран по структура на расходи односно приходи.
Т.К.