Македонската Влада, за прв пат, донесе закон за заштита од вознемирување на работно место-мобинг, со кој се дефинираат правата и обврските на вработените и работодавници за заштита од вознемиреност на работно место.Законот има примена на работодавачите, вработените, кандидатите за вработување, како и на лица ангажирани со договори, а со него се врши јасно дефинирање и опис на ситуациите на психичкото и полово вознемирување.
За психичко вознемирување согласно овој Закон, се смета секое негативно однесување од поединец или група кое се повторува, а претставува повреда на достоинството, интегритетот, угледот и честа на вработениот и предизвикува чувство на страв или создава непријатност, пониженост, чија крајна цел може да биде повреда на физичкото и менталното здравје, компромитирање на професионалната иднина на вработениот, престанок на работниот однос или напуштање на работното место.
Полово вознемирување во смисла на овој Закон е секое вербално, невербално или физичко однесување од полов карактер, кое има за цел или претставува повреда на достоинството на кандидатот за вработување или на вработениот, а кое предизвикува чувство на страв или создава непријатност, пониженост.
Вознемирување на работно место претставува и поттикнување или наведување на однесување на вознемирување.
– Доколку едно лице смета дека е изложено на вознемирување на работно место од друго лице, тогаш треба писмено да се обрати до лицето за кое смета дека го вознемирува и да му укаже дека неговото однесување е несоодветно, неприфатливо и несакано и да го предупреди дека ќе побара законска заштита ако таквото однесување веднаш не престане. Доколку ова дејство не вроди со плод тогаш се поведува постапка, информираат од владата.
Лицето кое смета дека е изложено на вознемирување од страна на друг вработен, пред поднесувањето на тужба пред надлежен суд, поднесува писмено барање за заштита од вознемирување на работно место, до работодавачот. Доколку пак лицето смета дека е изложено на вознемирување од страна на работоводен орган во правното лице или физичко лице како работодавач, може да поднесе тужба пред надлежниот суд, по претходното писмено предупредување до вршителот на вознемирувањето.
Законот предвидува и глоби кои се предвидени заради обезбедување на полна примена на Законот, насочување на посебно внимание кон заштита и промоција на правата, и реализација на соодветна средина за вршење на работните задачи.
Глоба во износ од 5.000 до 6.000 евра, во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на работодавач – правно лице, за повеќе ситуации меѓу кои и: злоупотреба на правото на заштита од вознемирување; ако не ги преземе потребните превентивни и други мерки за заштита на вработениот; не ги запознае вработените со забраната за вршење на вознемирување, обврските и одговорностите, начинот и можностите за заштита.
Дополнително глоба во износ од 3.000 до 4.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на директорот, односно друго одговорно лице кај работодавачот.
Доколку работодавачот е физичко лице глобата изнесува износ од 1.000 до 2.000 евра во денарска противвредност.












