Со одлука на Советот на Општината за ребаланс на буџетот на општина Охрид скратени се финансиски средства во повеќе ставки, истакна денескa претседателот на ОК ВМРО ДПМНЕ Сашо Донев. Која е целта на тоа што го изгласала „Комисијата за финансирање и буџет“? – праша тој.
-Скратени се средства за изградба на системи за одведување и пречистување на отпадни води како и за системи за водоснабдување во висина од 10 милиони денари.
Со тоа што се скратени 2 милиони денари за фекална канализација дали значи дека Долно и Горно Лакочереј ќе останат без изградба на улична фекална канализација? Згора на тоа со скратените 4 милиони денари жителите на Горно Лакочереј ќе останат без изградба на водоводна линија.
Понатаму скратени се уште 2 милиони денари за изградба и реконструкција на фекална канализација, а тоа значи нема започнување со изградба на канализационен систем во Трпејца.
Едно ветуваа пред избори, друго прават сега. 4 милиони денари помалку за изградба и реконструкција на атмосферска канализација и 6 милиони денари за изградба на системи за водоснабдување. Со тоа во прашање се става изградбата на водоводна линија по улицата „Туристичка“. – рече Донев.
Тој обвини дека жртва на, како што рече, погрешно проектираниот буџет, се капиталните инвестиции.
Локалната самоуправа да одговори зошто го прави тоа и каде ги троши парите? – додаде Донев.












