СДСМ нема никакво морално право да обвинува никого во било кој сектор на локалната самоуправа, а најмалку во образованието, кога истото во Охрид го оставија во страшни долгови и со блокирани сметки, рече на денешната прес- конференција координаторот на советничката група на ВМРО- ДПМНЕ, Сашо Донев.
– Во моментот кога Градоначалникот Никола Бакрачески ја превзеде функцијата градоначалник, блокираните сметки на училиштата во Охрид по основ направени долгови изнесуваа над 10 милиони денари. Деновиве сметката на ОУ “Григор Прличев” е блокирана за дополнителни 9 милиони денари, како резултат на неплатени обврски направени во текот на 2011 и 2012 година. Вкупните долгови кои ги имаа основните и средните училишта во април 2013 година, ја надминуваа цифрата од неверојатни и фрапантни 80 милиони денари. Во сумата не влегуваат оние средства кои по основ на плата им се должат на времено ангажираните лица во образованието и техничките лица во училиштата. Наместо блок-дотациите да се користат за намената за која се трансферираат, во најголем дел или близу 5 милиони денари месечно се плаќале за автобуски ученички превоз на фирма блиска до СДСМ, по цени кои се далеку од нормалното расудување, изјави Донев.
Како што тој истакна, за месечен училишен превоз на релација Охрид-Велмеј се наплаќало по 9.000 денари, Охрид-Белчишта по 8.000 денари, а Охрид-Ресен по 11.000 денари, односно четири пати поскапо од месечен билет на редовните линии.
– Каде завршувале вишокот средства, чии џебови се полнеле, каква била улогата на сегашните советници и советнички од СДСМ во општинскиот Совет? Најголем дел од средтсвата за нафтата за греење, наместо за затоплување на објектите каде што учат учениците, се употребувала за атомобилите и автобусите во кои луѓето под закани и тортури секојдневно се носеа на протести и митинзи низ државата, реализирајќи ја насилната политика на СДСМ, рече Донев.
Тој потенцира дека во периодот април-ноември, од општинската сметка до училиштата и градинките трансферирани се над 15 милиони денари, со кои се одблокирани сметките и дека се намалиле долговите. Меѓу останатите реализирани активности, Донев ги истакна адаптирањето на училишната просторија во село Ливоишта, пуштањето во употреба на Детската Градинка “Јасна Ристеска” во новите просторни услови во Велгошти и Лескоец.
Потенцира дека актуелната Локална самоуправа предводена од Градоначалникот Никола Бакрачески и ВМРО-ДПМНЕ има стратегија која ја спроведува, а чија крајна цел е подобрување на условите во училиштата и во наставно-образовниот процес.
OhridNews