Поранешниот дописен центар на МРТВ во моментов е најзапуштениот објект во Охрид, каде секојдневно се собираат наркозависници и бездомници. Двокатната зградa позади скалестата зграда, во непосредна близина на булеварот Туристичка, минатата  година беше целосно опожаренa, но и тоа до сега, не ги натера сопствениците да преземат мерки и да ги уредат внатрешните простории.


Охриѓани кои живат во околните станбени згради и куќи се жалат дека објектот кој е полн со отпад претставува вистинска опасност, но се разочарани што надлежните не преземаат никакви мерки.

-Ова е вистинско опасно дувло, еве пред некој ден некои наркомани кои секоја вечер тука се собираат нападнаа две момчиња кои си доаѓале од чаршија и ги ограбиле. Страв ми е да ги пуштам внуците да поминуваат од тука, па често ги советувам да одат по заобиколен пат. Ние заедно со соседите на неколку пати поднесовме иницијатива да се преземе нешто од страна на сопстевниците, побаравме и помош од општината, но ни рекоа дека тоа не е нивна ингеренција и така не шетаа од врата на врата, вели повозрасен охриѓанец, кој живее во станбена зграда до објектот.


Од  Комуналниот инспекторат при Општина Охрид потврдија дека често добивале поплаки од граѓани, но велат дека немаат надлежност да го решат овој проблем.

Состојбата со тој објект е иста изминативе десетина години. Ние иако не сме надлежни за внатрешните простории во објектите, неколку пати упативме писмено барање до МРТВ, да го среди објектот, но еве до ден денес немаме добиено повратен одговор. А немаме право да поднесуваме пријава, зошто цврстата градба на објектот е во добра состојба, а проблем е само тоа што стои отворен и во него влегува секој, вели Танас Танасоски , раководител на комуналниот инспекторат.

Тој уште еднаш упати апел до раководството на МРТВ да превземе мерки и да го уреди овој објект.


Одговорните од Дирекцијата на МРТВ во Скопје, со кои успеавме да воспоставиме телефонска комуникација информираа дека веќе направиле план, Дописниот центар кој не функционираше повеќе од 10 години, конечно да го стават во функција.

Најверајтно веќе во втората половина на овој месец најпрво ќе извршиме чистење на внатрешноста на објектот, па подоцна ќе се преземат и неколку зафати за негова санација. Ќе промениме прозори, ќе бојасуваме и слично. Парите за санацијата ќе се обезбедат од отштетата која треба да ја исплати  осигурувањето, по пожарот кој се случи лани, информираа  во телфонскиот разговор од МРТВ.

Од таму објаснуваат дека објектот кој инаку е изграден во 80-тите години,  најверојатно ќе го користи деташираната редакција на телевизијата, која во текот на летниот период престојува во Охрид.

Е.М