Локалната самоуправа продолжува со преземање на мерки за решавање на проблемите околу такси превозот, кои се провлекуваа во Охрид во текот на изминатите туристички сезони- одбивањето да се вози на кратки релации и произволното наплаќање за извршениот превоз.


Освен неодамна поставените ценовници и лиценци за возење, од сега, во секое такси возило ќе биде поставен и правилник, односно кодекс на однесување.


Секој патник има право да побара од таксистот да му покаже легитимација со име и презиме на возачот, кој задолжително треба да го врши превозот по таксиметар, да издаде фискална сметка, а ако не се придржува кон овие одредби, патникот веднаш има можност да пријави до надлежни иснпекциски служби и во самата такси компанија, вели раководителот на Секторот за Туризам и локален економски развој , Ѓоко Апостолов.

Од такси компаниите потенцираат дека проблемите со произволното наплаќање и одбивање да се вози на пократки релации, пред се потекнуваат од своеволните одлуки на одредени возачи, но не и од политиката на такси компанијата.


Ваквото однесување на дел од такси возачите е на штета и на самата компанија.  Ја подржуваме иницијатива на локалната самоуправа за легитимирање на возачите и можноста патниците да ги пријавуваат  неправилностите до надлежните служби. По пријавата , возачот веднаш ќе биде казнет и против  него ќе бидат преземени санкции. Постигнат е и договор, несовесните возачи да не можат да преминуваат од една во друга такси компанија , туку за нив, одреден период од најмалку шест месеци,  да има забрана за возење на такси возило, изјави претседателот на Здружението на такси возачи, Сашо Поп Доневски.


Со цел отстранување на проблемите со кои се соочуваат патниците, но и самите такси компании, денес, во просториите на ТЛЕР  се одржа средба помеѓу сопствениците на компаниите, општинскиот инспекторат и  претставници од ТЛЕР.

На средбата беше договорено редовно да се одржуваат средби на кои ќе бидат изнесувани тековните проблеми, за чие решавање такси компаниите ќе добијат поддршка од локалната самоуправа.

Тања Кувенџиска