Скопје, Куманово, Тетово, Прилеп и Битола се градови со најголем опфат на заболени од КОВИД-19. Во државата доминира делта-сојот, додека новиот омикрон уште не е регистриран. Засега остануваат да важат истите мерки, а надлежните апелираат на помасовна вакцинација, која е единствениот спас од пандемијата.

Вкупниот број на случаи годинава заклучно со 7 декември е 134.460. Од нив, починати се 4.784, или 3,56 отсто, информираше вчера епидемиологот Драган Кочински од Институтот за јавно здравје на онлајн сесија со новинари. Тој потсети дека првиот регистриран случај е на 26 февруари минатата година, а прв регистриран кластер е во Дебар. Во 2020 година имало вкупно 83.734 случаи, а починале 2.904, или 3,47 отсто. Кочински посочи дека поголем ризик за смрт постои кај мажите, бидејќи 59,5 отсто од починати се мажи, а 50,8 проценти се жени.

Од заболените, доминира возрасната група на 60 години. Во поголемите градови се регистрирани и најголем број на починати, но поголема смртност има и во други градови, на пример Струга, Крива Паланка, Крушево. Во Скопје во моментов има најмногу активни случаи. Карактеристично е тоа што, како што напомена вчера Кочински, во централниот дел на државата има најмногу заболени со КОВИД-19.

Максимален број на ПЦР и Брз рапид тест направени во текот на еден ден се 9.296 тестови.

Во Кавадарци, Неготино и Охрид има највисок опфат на вакцинирани со две дози, а најнизок во Дебар, Струмица и Гостивар.

Инаку, кај нас не се намалува бројот на заболени од КОВИД-19. Во текот на вчерашниот ден беа регистрирани нови 167 случаи на КОВИД-19, од направени 1.478 тестирања. Оздравени се 275 пациенти, а починати седум лица. Од новодијагостицираните случаи, во Скопје се 110, Кавадарци и Кочани по 9, Гевгелија 7, Битола – 5, Куманово, Прилеп и Охрид по 3.

OhridNews