Од Здружението на пензионери од Охрид и Дебрца се жалат дека доцни испораката на огревно дрво. Од страна на охридската подружница на Македонски шуми, претпријатието за стопанисување со шуми Галичица, испорачано им е само на мал дел, од вкупно 1100 пензионери со кои е склучен договор за набавка на огревно дрво, кое преку здружението ќе го отплаќаат на рати.

– Досега требаше на пензионерите да им е испорачано огревното дрво. Секојдневно идаат кај нас, се жалат, дури и бараат да им ги вратиме парите кои ги платиле. Но, ние не сме виновни, само посредуваме во набавката. Се обративме до јавното претпријатие, од таму ни велат дека имаат проблеми околу доставувањето на дрвото, вели претседателот на здружението Ѓорѓи Трпчески, кој додава дека пензионерите се разочарани дека и покрај најавите, нема дрвата да ги набават по пониска цена.

Трпчески информира дека слични проблеми имале и минатите години, но дека никогаш испораката толку многу не доцнела.

Поради работни обврски, директорот на претпријатието за стопанисување со шуми „Галичица“ Илија Дуклески, беше недостапен да даде одговор на ваквите обвинувања од охридските пензионери.

OhridNews