Дел од училиштата во општина Струга немаат залихи на нафта за греење, што го доведува во прашање нормалното одвивање на настава. Најлоша состојбата е во подрачното основно училиште „Браќа Миладиновци“ во центарот на Струга каде учат основците од 2-4 одделение. Старата и руинирана училишна зграда се затоплува со ќумбиња но не е набавен огрев, велат родителите кои се револтирани од односот на надлежните кон образованието.

-Покрај тоа што дечињата во ова училиште имаат повеќе од очајни услови за работа, сега за да се заокружи таа слика тие немаат и греење. Покрај што не се најде за сходно да ги подобрат тие услови сега ги изненади и зимата. Сме слушнале секакви изговори од блокирана сметка до нереализирани тендери но искрено нас родителите тоа не не интересира, образованието и условите за функционирање се регулирани со закон во Република Македонија, услови кои ние за своите деца не ги добиваме, вели Татјана Огненовска – родител.

 
Одговорните во ОУ „Браќа Миладиновци“ ни изјавија дека добиле ветување од локалната самоуправа оти подрачното училиште каде се одвива наставаод 2-4 оддление во центарот на градот, како и училиштето во Калишта први ќе добијат дрва за огрев, штом заврши тендерската постапка, која доцни. 

Од општина Струга, која го спроведува тендерот бидејќи училиштата не можат да вршат јавни набавки поради финансиските долгови и блокираните сметки, уверуваат дека проблемот ќе се разреши деновиве.

-На 29ти завршува тендерот за нафта и веднаш ќе почнеме со снабдување на училиштата. Приликите се такви што училиштата се блокирани и не можат да спроведат тендер, па таа обвска ни ја препуштија нам и затоа се доцни малку.-ни изјави во телефонски разговор Сурија Рушиди од секторот за образование при општина Струга.

Вкупниот долг на училиштата изнесува околу 13 милиони денари, а од секоторт за образование во општина Струга сметаат дека државата прави многу малку да се одблокираат нивните сметки, поради што тие не можат навреме да ги реализираат јавните набавки за огревни материјали.

Г.М.