Поради обилните врнежи од дожд, деновиве, дојде до нови одрони од оштетениот бедем на познатиот споменик на културата Долни Сарај. Од Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј Охрид, велат дека оваа појава е честа во периоди кога има поголеми врнежи. Оттаму информираат дека согласно програмата за работа, во 2015 година ќе продолжи санацијата на бедемот на Долни Сарај, а доколку дојде до поголеми оштетувања во периодот кој следи, интервентно ќе се реагира, иако временските услови не се поволни за санациски зафати.
Оштетувањата на стариот бедем на Долни Сарај датираат од поодамна, а се интензивираат во зимските месеци поради неповолните временски влијанија врз дотраениот малтер со кој се изградени ѕидините, појаснуваат од охридскиот Музеј.
За да се спречи понатамошно оштетување на бедемот кој е надвиснат над Мостот на желбите по кој секојдневно поминуваат локалните жители и туристи, охридскиот Музеј минатата година изврши санација на критичните оштетувања на јужните ѕидини и беа променети дотраените дрвени појаси, а оваа година се санираа скалите кои ја поврзуваат сцената Долни Сарај со езерскиот брег.
Инаку овој историски локалитет за време на Отоманската империја претставувал летен сарај на султанот, додека бедемите околу него датираат од постар период. Денес тој е отворена сцена на која се одржуваат разни манмифестации.
OhridNews