Охриѓанецот Живко Ангелески кој минатата година го искасапи две години помладиот брат Александар, доби доживотна казна. Зоран Јовески кој помагал во извршување на кривичното дело ќе остане зад решетки 12 години.

Пресудата беше донесена денеска од страна на судијата Милчо Клишески во Основниот суд во Охрид. Бранителите на осудените изјавија дека судот донел одлука без докази и најавија обжалување на пресудата.

Во судницата Живко Ангелески и Зоран Јовески изјавија дека не го сториле кривичното дело за кое се теретат и го молеа судот да ги ослободи од обвинение.

Убиството, според Судот, се случило минатата година во семејната куќа на Ангелески во период од 30-ти ноември до 3- ти декември. Истрагата покажала дека Живко најпрвин го удрил по глава неговиот помлад брат со тврд предмет потоа му нанел неколку убодни рани по телото и главата и на крај го искасапил мртвото тело на делови. Зоран Јовески пак му помогнал да ги транспортира деловите од телото до местото каде беа пронајдени, на патот кој води до Велестово.

OhridNews