Попладнево делумно само за лесни патнички возила беше оспособен за сообраќај магистралниот пат Охрид – Кичево, каде поради високите наноси на снег на планинскиот превој Пресека и во општина Дебарца, со часови беа завеани голем број автомобили и автобуси во кои имало деца, бремени жени и стари лица. Граѓаните кои минале вистинско патешествие се револтирани на надлежните институции кои не успеаа на време да го расчистат патот.
Меѓу завеаните се најде и познатиот водител од Охрид Жанко З’ш Голабоски. Тој вели дека меѓу луѓето владеело страв и паника.
– Во секој случај е страшно да патуваш 12 часа 60 км на еден пат кој е еден од главните во Македонија, Скопје – Охрид. Срамота и греота да е завеан и да не е исчистен. На прагот сме на Новата година очекуваме гости и сега кога ќе ти патува турист за Нова година во Охрид и кога ќе треба да ја пречека во Извор е многу смешно. – изјави водителот Жанко З’ш Голабоски.
Тој истакна дека сообраќајот се одвивал отежнато на една коловозна лента, а многумина се одлучиле за Охрид да продолжат преку Демир Хисар.
-Се создаде колона, а луѓето си помагаа меѓусебно. По едно време ни кажаа дека не смееме да продолжиме па некои се вратија во Кичево да преспијат, а возилата ги оставија тука. Доаѓаа луѓе, родители, носеа храна на децата. Јас тргнав околу 15.45 во неделата од Зајас, а стигнав Охрид во понеделник во 11.30, тоа е исто како до Прага да патуваш. Во секој случај треба да се поведе грижа, бидејќи барем за овие два дена имаше најава за снежно невреме и надлежните требаше со време да си преземат соодветни мерки.-додаде познатиот водител.
На помош на завеаните возила на Пресека беа градоначалниците на Охрид и Струга, механизација од двете општини и екипи за спасување. Градоначалникот на Охрид Бакраќчески се уште не направил анализа дали има одговорност кај институциите за настанатата ситуација, но вели дека и поголеми и многу подобро организирани држави тешко се справувале со снежно невреме.
– Јас навистина сега не можам да прејудицирам кој потфрлил во текот на вчерашниот ден бидејќи бевме сконцентрирани да го нормализираме животот во Охрид и пред се да ги извлечеме нашите сограѓани и граѓани на Струга кои што беа завеани на Пресека и немав време да размислувам околу можните слабости на некои институции во земјата. – рече Бакрачески.
Тој истакна дека состојбата во Дебарца и на превојот Пресека во текот на вчерашниот ден била многу лоша и било потребно да се донесе храбра одлука и да им се помогне на граѓаните кои се нашле во опасност. Состојбата дополнително ја усложнале лошите телекомуникациски врски и неможноста да се стапи во контакт со граѓаните кои западнале во неволја.
-Ги контактиравме сите приватни компании за да се изнајде најсоодветно средство за да се пробие патот, а со оглед на тоа што немавме релевантни податоци што се случува на терен организиравме конвој кој го предводевме заедно со градоначалникот на Струга Зијадин Села. Ангажиравме два поголеми багери за пробивање на патот и се упативме кон Пресека со цел да ги извлечеме завеаните граѓани. Патот беше во ужасно лоша состојба, не беше пробиен, напред одеа двата багери, а по нив конвој од десетина џипови со храна, вода и основни намирници. Патот се пробиваше речиси пет и пол часа, се извлекуваше возило по возило, а онаму каде тоа не можеше да се направи бидејќи на места имаше снежни наноси и до два метра ги извлекувавме патниците.-посочи Бакрачески, додавајќи дека успешно биле евакуирани сите луѓе во завеаните возила на Пресека.
Бурна ноќ имаше и Охрид. Бакрачески рече дека биле ангажирани сите расположливи ресурси во справување со снежното невреме и упати јавна благодарност до сите кои се вклучиле во акцијата за нормализирање на состојбата во градот. Во расчистувањето на снегот од јавните површини покрај јавните претпријатија и нивните служби се вклучиле и совесни граѓани и компании кои ги ставиле на располагање своите ресурси.
-Беа ангажирани целокупните човечки ресурси без разлика на нивната позиција која ја имаат во општина Охрид и без разлика на работното место. Беше ангажирана целокупната механизација која ни е достапна, пробиени беа сите патишта во селските средини уште во вечерните часови, беа оспособени патиштата и улиците кои водат до здравствените установи, се отстрануваа паднати дрва, гранки и други пречки на патиштата.-рече Бакрачески.
Според најавите на синоптичарите во текот на ноќта температурата ќе се спушти ниско под нулата. На коловозите ќе има појава на голомразица, поради што на граѓаните им се препорачува да бидат крајно внимателни и да се воздржат од патување, доколку тоа не е крајно неопходно.
OhridNews