Шест месеци суспензија за ракометарот Крсте Андоновски, два меча за тренерот Горан Андоновски, три натпревари охриѓани да играат подалеку од 50 километри и парична казна од 15 000 денари е исходот за охридскиот клуб за инцидентот во “езерската“ пресметка меѓу Охрид и Струга, која заврши без победник 19-19. Единствено од гостинскиот состав санкциониран е Бојан Белевски со два натпревари неиграње.

Двете екипи се сретнаа во 18-та рунда од Првата машка ракометна лига, до финишот на натпреварот ништо не наговестуваше дека дербито ќе има наславен крај.

По последниот свиреж на судијата ракометарот на Охрид, Крсте Андоновски направи погруб фаул над Бојан Белески, кој реагираше бурно и возврати со иста мера, влегоа ракометарите на двете екипи по што настана мешаница на теренот.

Брзата интервенција на полицијата и присебноста на ракометарите од двата табори спречија поголеми инциденти.

Во целост ви ја пренесуваме одлуката на комисијата на натпревари за инцидентот на “езерската“ пресметка :

1. Согласно член 28 од ДП на РФМ, играчот на на РК Охрид 2011, Андоновски Крсте лиц. 39, се казнува со 6 (шест) месеци забрана на играње и вршење на сите функции во ракометниот спорт. Казната важи од 05.05.2013 до 04.11.2013 година.

2. Согласно член 26 од ДП на РФМ, тренерот на РК Охрид 2011 лиц. А58, се казнува со 2 (два) натпревари вршење на сите функции во ракометниот спорт. Казната важи за наредните 2 (два) натпревари.

3. Согласно член 28 од ДП на РФМ, играчот на РК Струга, Белески Бојан лиц. 218, се казнува со 2 (два) натпревари неиграње. Казната важи за наредните 2 (два) натпревари.

4. Согласно член 34 од ДП на РФМ и член 21 од Пропозициите за натпреварување, РК Охрид 2011 се казнува со парична казна во висина од 15.000,00 (петнаесет илјади) денари и 3 (три) натпревари играње надвор од Охрид кога е домакин (да обезбеди спортска сала одалечена најмалку 50 км од Охрид). Казната важи за наредните 3 (три) првенствени или куп натпревари како домакин.

Ohridnews