По четврти пат денеска се одбележа Денот на реката Црн Дрим. Овој настан има за цел подигање на јавната свест за заштита на сливот на реката Дрим кој е најбогат со питка вода во Македонија, но не е доволно заштитен. Потврда за тоа се бројните диви депонии в долж течението на реката Дрим и другите реки и планините во сливот на Дрим, велат екологистите.

Свеста кај населението за жал се уште е многу ниска. Дополнителен проблем е што сите населени места не се поврзани со пречистителниот систем, но и цврстиот отпад кој ги загадува како површинските, така и подземните води. Фали систем за селекција и соодветно одлагање и преработка на цврстиот отпад. Исто така проблем претставува и прекумерната урбанизација и притисокот од голем број активности кои се одвиваат на бреговите. – изјави Ѓоко Зороски од еколошкото друштво „Грашница“.


Ѓоко Зороски

Црн Дрим извира и тече во Македонија околу 45 километри, но се одликува со огромна водна мрежа и со богатство на подземни води кои годинава се во фокусот на активностите по повод одбележувањето на Денот на Дрим.

-Подземните води во дримскиот басен не се доволно истражени ниту пак има некаков катастар и затоа апелираме до надлежните органи да се воведе хидрогеолошки мониторинг на подземните води, зголемување на хидролошките станици за набљудување на површинските и подземните води и секако зајакнување на капацитетите на институциите за мониторинг и заштита на водите во дримскиот басен.– додаде Зороски.

Дејан Пановски, национален координатор на ГЕФ проектот: „Овозможување прекугранична соработка и интегрирано управување со водните ресурси во поширокиот слив од реката Дрим”, вели дека Македонија е на добар пат да го заштити дримскиот басен, за што до сега се реализирани бројни активности.

-Граѓаните навистина се загрижени за заштитата на животната средина и дека активностите околу таа проблематика треба да продолжат. Во моментов сме фокусирани на прекуграничната дијагностичка анализа за дримскиот слив и работиме на тематски извештаи за хидролошката состојба, за биодиверзитетот, поврзаноста на производството на храна и енергијата и водата и соработката на соте држави во сливот на Дрим. Кога тоа ќе заврши ќе предложиме акционен план со приоритети на заштита на целокупниот дримски басен кој не е само хидролошки, туку и тиристички потенцијал. – рече Пановски.


Дејан Пановски

Нефункционалниот колекторскиот систем и натаму претставува сериозен проблем за Охридското Езеро и Црн Дрим, бидејќи пречистените води се испуштаат во оваа река.

-Работата на колекторскиот систем е нарушена и треба да претрпи санација и ревитализација што е утврдено со физибилити студија на јапонската владина агенција Џајка и во наредниот период треба да се преземе иницијитива околу реализација на донаторска конференција за да се имплементира таа студија за колекторскиот систем. – додаде Пановски.

По повод Денот на Дрим во Охрид и Струга денеска се реализираа јавни средби со жители, едукативни активности, а се одржа и работилница на која се дискутираше за добрите земјоделски практики за зачувување на сливот на реката Дрим во добра еколошка состојба.

Г.М.