Во прекрсна атмосфера на бродот „Армада“ во убавината, мирот и спокојот на Охридското Езеро, денеска беше промовирана книгата „Другаруваме со Лили и Вили“ од младата авторка од Охрид Матеа Стоев.

Промовирана книгата Другаруваме со Лили и Вили“ од младата охридска авторка Матеа Стоев. Фото: Емил Јовановиќ

Пред бројните љубители на пишаниот збор, меѓу кои и од најмладата популација за кои е и намената оваа книга, проф. Д-р Кристина Николовска, како еден од рецезентите, ќе рече дека станува збор за репрезентативно, свежо во изразот и во содржините, луксузно издание во реализацијата, врвна стилска вредност во секој поглед, а сето тоа со многу љубов кон најмладите читатели.

Книгата „Другаруваме со Лили и Вили“ плени со невидена енергија и креативност во која секој расказ преку главните ликови Лили и Вили има незаборавно убави доживувања и другарувања. Книгата се чита во еден здив. Вашето возбудливо патување со овие ликови кое ја фасцинира мудроста на авторката која е инзвонредно млада и прекрасна, мудра убавица, но и убава мудрица, плени со голем стилски раскош, мајсторство во нарацијата и тече како жива и неуморна река. И така ако другарувате со прекрасните ликови Лили и Вили, во прекрасен сончев ден ќе отпатувате на пикник во природа, весело ќе ги славите празниците, ќе прошетате со панорамскиот автобус, ќе уживате ќе се забавувате, но и ќе се едуцирате. Оваа книга и само оваа ќе ве поттикне и научи како да сонувате, да посакувате, да верувате, но и како да ги остварувате своите цели. Лили и Вили ќе ве научат на вистинските вредности во животот. Оваа книга е вистинска сладост за очите, но и за душата и мислата, вели Николовска.

Книгата опфаќа различни теми со едукативен карактер од секојдневието на децата, со обични секојдневни, урбани и природни мотиви додава рецезентот м-р Роза Костеска – воспитувач во детската градинка „Јасна Ристеска“.

Расказите ги оплеменуваат читателите со желба да помагаат, со значењето на дарувањето и благодарноста. Пред нас е книга која се чита и се пречитува по стотина пати. На крајот на секој расказ како круна постои порака до секој кој ќе ја земе оваа книга во рака. Од пораките произлегува ненаметливо идејата што авторката сака да ја покаже. Расказите се доволно можни сами по себе да испратат значајна порака до секое дете и да го отворат прозорецот кон здраво растење, рече Костеска.

Младата авторка Матеа Стоев ќе рече дека опишаното низ расказите е имагинарно, истовремено и вистинито, бидејќи Лили и Вили на моменти биле таа и нејзините пријатели, па раскажани се нејзините или нивните доживување.

Токму оттука потекнуваше и мојата инспирација, од младите, од нашите секојдневни доживувања кои кај мене ја будеа фантазијата да ги преточам во приказна која ќе умее да ги научи на нешто убаво, а убавите нешта се учат од најмали нозе. Токму тоа беше и мојата цел, другарувањето со Лили и Вили да го развие чувството на емпатија, на почит, на љубов, на благодарност, на вредноста на семејството и почитта кон постарите. Да не потсетат дека семејството и другарството се најважни и уште многу други нешта кои ќе не изградат во добри луѓе. Токму затоа ќе бидам многу среќна ако оваа книга се најде во библиотеката на секое дете и успее да ја пренесе мојата цел, рече Стоев.

Матеа истакна дека книгата била пишувана минатата година, која колку и да била полна со ограничувања, за неа била исполнета со прекрасни доживувања.

Книга во себе крие 12 раскази наменети за најмладата читателска публика. Прекрасните колоритни илустрации привлечни за детското око се на Игор Јовчевски, уредник на книгата е м-р Ели Маказлиева, графичкиот дизајн на Владимир Младеновски, лектурата на д-р Лилјана Пандева. Ова е модерно светско издание на елитната „Едука Мак“.

Љубовта кон пишаниот збор кај Матеа се раѓа уште во годините кога посетува основно училиште, па почнува и сама да пишува поетски творби со кои учествува на бројни литературни натпревари на кои се закитува со награди. Голем дел нејзини творби се објавени во повеќе печатени и електронски медиуми.

Пресвртница во нејзиниот творечки талент се случува по добиената прва награда на литературниот конкурс „Тивко шумолат јаворите” одржан во мај 2019 година, а следната година на истиот конкурс освојува и Гран при награда, што ѝ беше дополнителен мотив да продолжи да твори. Во 2020 година ја издава нејзината прва книга ‒збирка песни со наслов „Мојата шарена стихувалка“ во која се собрани литературни творби пишувани за време на нејзиното основно образование.

Освен во областа на литературата, Матеа Стоев е добитник на повеќе домашни и меѓународни награди од областа на музиката, културата и науката.

Фото галерија

„Другаруваме со Лили и Вили“ од младата охридска авторка Матеа Стоев – прозорец кон здраво растење 

Н.С.Ј
Фото: Емил Јовановиќ