Гордана Лолеска од Охрид на својот син Давид, кој се соочува со ретката болест Алпортов синдром, му донираше бубрег, подарувајќи му нова шанса за живот. Зад оваа емотивна приказна стои жена која со години неуморно се бори за своето дете, но и за сите лица со ретки болести во Македонија.

Во кратка изјава за ВИКИМЕДИА, Гордана Лолеска вели дека е истоштена, но среќна што сè поминало во ред. Зад нејзините зборови се кријат неизвесноста, стравот и надежта на една мајка која е подготвена да направи сè за своето дете.

Нејзината борба, сепак, одамна ги надмина границите на семејството. Како претседателка на здружението „Ретко е да си редок“, Гордана со години го крева гласот за луѓето кои живеат со ретки болести, нивните секојдневни предизвици и потребата од подобра дијагностика, лекување и поддршка. Преку својата работа придонесува нивните приказни да стигнат до институциите и јавноста, не само во Македонија туку и пошироко.

Нејзината посветеност е препознатлива и преку иницијативите за подигање на свеста за ретките болести, меѓу кои и издавањето поштенска марка посветена на Алпортовиот синдром.

Денес, Гордана е мајката која со сопствениот чин ја претвори љубовта во надеж. Таа не му подари само бубрег на својот син, туку уште една можност за живот, а на семејствата кои секојдневно се борат со ретките болести им испрати порака дека не смеат да се откажат.

Со својата мајчинска љубов Гордана помести планини, но и со својата долгогодишна борба направи да се слушне гласот на ретките – глас што заслужува внимание, разбирање и поддршка.

OhridNews

извор. Викимедиа