Сечењето на дрвата со право ја вознемири охридската јавност, но и локалната администрација, стои во соопштението. За сечењето не бил информиран градоначалникот Александар Петрески , ниту пак раководителите на секторите задолжени за оваа проблематика. Еден член на комисијата злоупотребувајќи ја службената положба и довербата на другите членови сам донел решение за сечење на дрвјата, велат од Локалната самоуправа.
Од таму ја објаснуваат процедурата како тече издавањето на одобренија за сечење или кастрење на дрва. Во локалната самоуправа постои четиричлена комисија составена од стручни лица од локалната администрација, која по барање на граѓани или правни лица, по претходно информирање на градоначалникот или неговите соработници, излегува на терен и прави проценка дали некои дрва треба да се сечат или поткаструваат. Потоа се носи решение за кое мора да се информира градоначалникот или неговите соработници и раководители на сектори.
Во овој случај направени се повеќе пропусти, потенцираат од локалната самоуправа. Комисијата излегла на терен и оценила дека четирите дрвја треба да се поткастрат, а не да се исечат од корен, како што сам на своја рака во решението напишал еден од членовите. Тој одобрил, на барање на сопственикот на објектот, да се пресечат уште две дрва со изговор дека тие паднале при сечењето на претходните четири стебла.
Овој инцитент ,градоначалникот Александар Петрески го толкува како груба злоупотреба на неговото отсуство, бидејќи за овој случај не бил воопшто консултиран ,ниту биле консултирани раководителите на секторите во Локалната самоуправа.
Против вработениот кој дозволил да се исечат 6 дрвја започната е дисциплинска постапка , а против сопственикот на објектот кој барал сечење на уште две дрва ќе биде поднесена соодветна кривична пријава. За да се намали нанесената штета градоначалникот Александар Петрески најавува дека за скоро време на истото место ќе бидат засадени 6 или повеќе нови пораснати садници.
Продолжува уништувањето на градското зеленило