Тие укажуваат дека на јавна расправа експерти, екологисти, претставнци на надлежни институции и граѓани, позитивно се изјасниле за реконструкција на старите дрвореди во центарот на градот и дека активностите ќе продолжат според зацртаниот план.
– Оставивме неколку корења од исечените садници за јавноста да се увери дека тие беа целосно трули, а поради тоа липите претставуваа опасност за минувачите. Освен тоа при цутењето на липите кај голем број од граѓаните се предизвикуваа алергиски реакции. Затоа, локалната самоуправа е децидна во намерата и ќе продолжи со реализацијата на проектот за реконструкција на дрворедите при што липите ќе бидат заменети со садници од Лигуструм, изјави Сашо Алче, директор на ЈП „Охридски Комуналец“.
За потребата од замена на дрворедите од липа, деновиве се води онлајн дебата на социјалните мрежи, а локалното Супер радио отпочна акција „Спас за дрвјата во центарот на Охрид“, во рамки на која ќе организира собирање на потписи на пункт пред Општина Охрид.
– Она што е основното барање на оваа граѓанска иницијатива, односно пред се молба до одговорните е да се престане со работите. Она што е направено е направено и никој тука не може ништо да направи. Прво значи да престанат работите и да се отвори нова јавна расправа за оправданоста на овој чекор. Да се поканат независни експерти кои ќе направат анализа, можеби јавна расправа, нека биде и медиумска каде и граѓаните ќе можат да го кажат својот глас. Доколку и таа независна анализа и јавна расправа покаже дека тоа е оправдано, тогаш нека се спроведува, вели Сашо Митаноски, главен и одговорен уредник на Супер радио.
Собраните потписи од акцијата ќе бидат доставени до одговорните во локалната самоуправа.