Дел од концесионерите на плажи денеска изразија револт од одлуката на Министерството за транспорт и врски кое ја зголеми цената на концесиите која варираше од 35 денари и повеќе на фиксни 160 денари за метар квадратен. Според концесионерите таквата цена е нереална и неиздржана.


Во договорот за закуп кој треба да се обнови пишува дека цената се утврдува спогодбено и сега од страна на државата сме известени за нова цена од 160 денари за метар квадратен за која ние воопшто не бевме консултирани. Ги повикуваме претставниците на Министерството за транспорт и врски на еден заеднички состанок, иако сметаме е доцна, да седнеме и да ја дефинираме цената на концесијата, која можеби е ниска, но понудената е превисока, изјави Илија Џепароски, сопственик на плажата Корали.


Џепароски посочи дека концесионерите кои во охридските плажи имаат инвестирано преку 2 милиони  евра, сега се ставени пред свршен чин доколку не ја прифатат новата цена за закуп да се откажат од плажите. Тој истакна и дека поради недоразбирањата на релација локална – централна власт има проблеми и со подигнувањето на сметот од плажите, но и други проблеми кои концесионерите не ги предизвикуваат а трпат последици од нив. „Апелираме до Министерството за транспорт и врски да се најде решение да се решат проблемите да не биде брука за туризмот 2009“, додаде Џепароски.


Според Виолета Јанеска, сопственик на плажа во Лагадин, со покачување на цената на концесиите државата врши дополнителен притисок врз нив. „Ние концесионерите ова го чувствуваме како  уцена затоа што сега после сите вложувања треба  некому на тацна да му ја оставам плажата“, рече Јанеска.

Концесионерите на плажи очекуваат во најскоро време да се сретнат со претставници на Министерството за транспорт за да се разреши новонастанатиот проблем, кој според нив може да ја загрози туристичката сезона.

Ohridnews