По 6.000 денари за хектар или по два денара за килограм дополнителна субвенција ќе добие секој земјоделец што го пријавил производството на пченица.
Како што соопшти денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков, ова е една од мерките со кои државата ќе им помогне на производителите да добијат по минимум 11 денари за килограм лебно жито од годинашната реколта со оглед дека мелничарите најавија откупна цена од најмногу осум денари.
Според Цветков, Министерството ќе интервенира и со помош за складирање на пченицата, што ќе ги намали количините на пазарот и последователно, ќе ја зголеми цената.
-Обезбедивме 80 отсто субвенции за складирање 30.000 тони пченица, од кои 15.000 во Прилеп и уште толку во „Жито Вардар“. Земјоделците ќе треба да плаќаат само 12 денари месечно зашто чувањето на лебното жито е 60 денари за тон, информира Цветков.
Тој напомена дека цената на пченицата, како и на секој друг земјоделски производ, ќе ја дефинира пазарот. Сепак, се очекува ниска цени поради големиот прилив од домашно производство и од увоз, главно од Србија.
-Во секој случај, ќе се обидеме земјоделците да добијат 10 до 11 денари за пченицата, зависно од квалитетот. Ова не е некоја добивка, но е доволно за одржливо производство и за засејување на површините догодина, подвлече министерот.
Одговорајќи на новинарско прашање, Цветков нагласи дека мерката предложена од Министерството да им се исплаќа по еден денар субвенција на мелничарите за секој откупен килограм домнашно жито, е одбиена од страна на Владата како незаконска и неуставна.
Нова средба меѓу мелничарите и производителите на пченица е закажана за понеделник во Министерството за земјоделство.
OhridNews