Владата ќе ја поддржи иницијативата на Хотелската асоцијација на Македонија -ХОТАМ за изградба на скијачки центар на планината Галичица.
Според проектот за изградба на зимски туристички центар изготвен во 2006 година, почетната инвестиција изнесува 2,8 милиони евра, со која се предвидува изградба на прифатен скијачки центар со потребната инфраструктура, како и три монтажни ресторани.
Владата го задолжило Министерствиото за економија заедно со ХОТАМ да ги разгледа можностите за реализација на проектот, кој според проценките на експертите ќе ја продолжи туристичката сезона во Охрид за повеќе од два месеца. Дополнителен адут за изградба на ски центар на Галичица која располага со голем природен потенцијал, е и близината на аеродромот „Св. Апостол Павле“.
Во среда во Охрид ќе се одржи состанок на членовите на ХОТАМ, на кој ќе се разговара за проектот за изградба на ски центар на Галичица.
На планината Галичица во 70-те години од минатиот век постоеше стар сместувачки капацитет со околу 120 легла. Во тој период беа поставени два ски лифтови и беше изградена ски-патеката на која во викенди имаше и до илјада посетители. Кон крајот на седумдесетите години тогашните власти го одобриле Основниот урбанистички план за изградба на Спортско-рекреативен центар на Галичица, но иницијативата замре поради еден немил настан кога изгоре бараката на феријалниот сојуз.
Кон падините на Галичица каде е предвидено да се гради ски центарот води стар пат изграден во средината од минатиот век кој со децении не се одржува во зима.