За таа цел ќе се организираат интензивни средби со хотелиерите, туристичките агенции, водичите, концесионерите на плажи и сопствениците на клубови од Охрид, како и со претставниците на охридската локална самоуправа, кои се задолжени за развој на туризмот во овој град. Исто така ќе биде изготвена соодветна програма со акционен план за дејствување, се со цел да им се помогне на охридските туристички работници, полесно да ја надминат моменталната криза во туризмот.
Воедно Агенцијата за промоција на туризмот продолжува со реализација на веќе изготвената програма за презентирање на Република Македонија, пред странските туристички оператори. Од таму информираат дека од денес до 9-ти април, во Македонија, за прв пат, ќе присуствуваат туроператори и новинари од Народна Република Кина, како заедничка ФАМ тура меѓу Македонија и Турција. Веднаш по нив треба да пристигнат и туроператори од Русија, Србија, Словенија и Турција.
Во рамки на промоцијата на македонскиот туризам, Агенцијата планира да организира и “Ден на македонскиот туризам”, во Тирана, Софија, Загреб и во Виена. Оваа промоција ќе опфати организирање на пресконференции со презентација на туристичките потенцијали и дегустација на македонско вино и храна.