Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов на заедничка прес конференција со претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија Живко Митревски најави зголемување на минималната плата.
-Покачувањето на минималната плата следната година ќе започне од почетокот на годината, односно од 1 јануари 2015 година, при што минималната плата од 8.800 денари ќе се зголеми и ќе изнесува 9.590 денари, за во јануари 2016 година да се зголеми на 10.080 денари.
Во дејностите кои се трудо интензивни, производство на текстил, производство на облека и производство на кожа и слични производи од кожа, исто така ќе има зголемување на минималната плата од 1 јануари 2015 и ќе изнесува 8.050 денари, за 2016 година 9.000 денари, за 2017 година 9.590 денари и за 2018 година 10.080 денари. Воведувањето на минималната плата покажа дека има поволно влијание врз економијата, со што се потикнаа нови преговори меѓу социјалните партнери и резултираше со нејзино зголемување.- рече Спасов.
Министерот за труд и социјална политика најави и заострување на казнената политика кон компаниите кои нема да го почитуваат законот за минимална плата.
-Со новите измени се предвидува доколку државниот инспектор за труд утврдил и констатирал дека на работникот му е исплатен понизок износ од висината на минималната плата, работодавачот најпрво има обврска во рок од седум дена да ја исплати минималната плата, но доколку не постапи односно не ја исплати минималната плата во рок од 7 дена, во тој случај ќе му се изрече глоба во износ од 8.000 до 9.000 евра во денарска противвредност. Доколку во рок од една година, работодавачот го направи истиот прекршок, односно не му се исплаќа минимална плата на работникот ќе му се изрече глоба од 9.000 до 10.000 евра во денарска противвредност, а државниот инспектор за труд ќе донесе решение за забрана на работата на работодавачот во траење од 15 дена за кој период ќе биде обврзан да исплати минимална плата и социјални придонеси за вработените. Во измените на Законот за минимална плата, исто така се предвидени и глоби за одговорното лице кај работодавачот, во износ од 4000 до 5000 евра во денарска противвредност.- рече Спасов.
Годинава на 7000 работници им била исплатена помала плата од minimalno загарантираната. 1015 работодавачи се корегирале откако инспекциите ги опоменале и ја исплатиле минималната плата, додека 115 компании ќе треба да платат глоба на државата во висина од 9-10 илјади евра. Во Македонија 38 илајди работници земаат минимнална плата, која изнесува 8800 денари.
OhridNews