Доколку Министерството за здравство, односно Владата не ги подмират обврските кои произлегуваат од законот за крводарителство, постои опасност да се демотивираат крводарителите во Македонија и да се намали бројот на дарители, односно единици крв, што негативно ќе се одрази на работата на здравствените установи, особено во летниот период кога се зголемени потребите од драгоцена течност. Ова го изјави потпретседателот на Црвениот крст на Македонија и актуелен претседател на општинската организација на Црвен крст во Охрид, Сашо Точко.
-Министерството за здравство веќе една година не ги подмирува обврските за реализација на програмата за унапредување на крводарителството во Македонија, поради што не сме во можност да ги реализираме предвидените крводарителски акции во претстојното лето, истакна Точков.
Црвен крст Охрид благодарение на спонзори деновиве ќе реализира крводарителска акција по повод Светскиот ден на крводарителството, но поради недостиг на средства ја одложи наредната акција што требаше да се реализира во Охрид со крводарители од други градови.
-Принудени сме да ја одложиме планираната акција бидејќи немаме средства да ги мотивираме крводарителите, рече Точков.
Тој истакна дека состојбата е алармантна бидејќи организиациите на Црвен крст не можат да организираат крводарителски акции што може да предизвика намалување на единиците крв во здравствените установи. Точков очекува дека општеството ќе го промени својот однос кон хуманоста и крводарителството и дека брзо ќе биде надмината сегашната неповолна состојба, се со цел да не дојде до демотивирање на крводарителите, а со тоа и намалување на собраните единици крв.