За спроведување на Акцијата “Ден на дрвото – засади ја својата иднина” од почетокот на акцијата до 2016 година, биле потрошени 17,8 милиони евра, а преживеале само 21 отсто од вкупно засадените садници, стои во информацијата на Јавното претпријатие Македонски шуми, што ја усвои владата.

 

Дополнителни 31 милион денари во оваа акција биле потрошени за засадување палми, а во извештајот се наведува дека ниту една палма не преживеала.

Дел од овие палми беа засадени на охридското крајбрежје, што предизвика силни реакции во јавноста. Револтот во неколку наврати граѓаните го изразуваа со палење на палмите. Сепак, најголемиот дел од нив се исушија, а неодамна започна нивното отстранување од парковите во центарот на градот и крајбрежјето.

Според најавите, отстранетите палми во централното градско подрачје ќе бидат заменети со јапонски цреши, а останатите со автохтони дрва, најверојатно со јавори или јасени.

OhridNews