Во државава во 2020 година имало 7432 новозаболени од дијабетес. Новите бројки на Меѓународната федерација за дијабетес откриваат алармантен раст на застапеноста на дијабетесот. Вкупно 537 милиони возрасни луѓе ширум светот живеат со дијабетес. Ова го покажуваат бројките на Државниот завод за статистика што ги објави во пресрет на Светскиот ден на дијабетесот, 14 Ноември.

Kако земја и како подрачје со 11,2 проценти заболени, влегуваме во групата држави со висока преваленца на дијабетес. Тоа е повеќе од алармантен показател за една динамична прогресија на оваа здравствена состојба. Потребни се системи на континуирано следење на гликемијата и нивна достапност за поголем број на пациенти, изјави денеска Димче Велев, претседател на Сојуз на здруженија на дијабетичари на Северна Македонија на Форумот за одбележување на Светскиот ден на дијабетесот – 14-ти Ноември, насловен „Што не сторивме против Дијабетесот?“, што денеска се одржа во Скопје.

Во рамки на настанот, Министерството за здравство и Сојузот на дијабетичари потпишаа Меморандум за соработка, а беа одбележани и јубилеите „Сто години инсулин“ и „20 години Сојуз на здруженија на дијабетичари на Македонија“.
Велев истакна дека пред десетина години, не само кај нас, туку и во светот, речиси се урнати сите стереотипи, предупредувања и заблуди во врска со дијабетесот. Според него потребна е поголема едукација за дијабетесот, како и набавка на табеларната терапија глукомери, но не само за деца, туку и за возрасни.
Министерот за здравство Венко Филипче рече дека кога станува збор за пациент со дијабет, веќе не станува збор само за тоа како се третира дијабетот, туку секогаш мора да имаме предвид дека станува збор за начин на живот. Тој истакна дека сега имаме три нови инсулини и два нови препарати што овозможуваат уште поголема контрола на гликемијата, а тоа се инсулини кои се и кардио протективни што го штитат срцето и крвните садови и сето тоа укажува како е зголемен квалитетот на животот.

Тоа што сега го правиме е постапката со цел првпат во земјава да се набават сензорите за мерење гликемија, а тоа значи наместо вообичаените боцкања како за земање крв и мерењето на шеќерот во крвта сега се ставаат специјални сензори на надлактицата и тоа се мери со електронска направа, што уште повеќе го зголемува квалитетот на живот на овие пациенти, пред се на децата, посочи тој.

Филипче информира и дека утрово на Клиниката за ендокринологија е отворен нов Ендокринолошки дијагностички центар, кој овозможува интегрирана, сеопфатна дијагностика на пациентите со ендокринолошки заболувања.
Доц. Др. Саша Јовановска Мишевска, директор на Клиниката за ендокринологија, дијабетес и болести на метаболизамот, се осврна на стогодишнината од пронаоѓањето на инсулинот, кои, како што рече, се сто години прогрес, сто иновации, што ни овозможуваат денес да имаме една генерација на современи, модерни инсулини кои спасуваат животи.

Јовановска Мишевска потсети дека во последниве години е достапна и нова генерација инсулински аналози, со што се создадоа услови да се редуцира секојдневниот товар од третманот, нудејќи уште поголема флексибилност во времето на аплицирање на инсулинската доза, и помагајќи им на луѓето да постигнат ниско ниво на шеќер во крвта и да го намалат ризикот од зголемување на телесна тежина.

На Форумот се одржа и панел дискусија „Само заедно можеме и повеќе“ на која панелисти беа д-р Зоран Гучев од Клиниката за детски болести и д-р Ирфан Ахмети, претседател на Национална комисија за дијабетес.

 

OhridNews