Членовите на Државната пописна комисија ноќеска поднеле колктивна оставка, по што се запрени сите активности на терен поврзани со Пописот на населението и домаќинствата. Утринава регионалните пописни комиси и државните инструктори добиле упатство да прекине понатамошната дистрибуција на пописниот материјал, а попишувачите да не излегуваат на терен.

Во соопштението за јавност на Државната пописна комисија се појаснува дека епилогот е резултат на сериозни недоразбирања околу примената на методологијата на попишување.

„Во
најголема мера ова се однесува на нееднаквата примена на методологијата
утврдена од страна на Државниот завод за статистика,а усогласена со
Еуростат во делот кој го разработува членот 6, став 3, членот 40 и
членот 42 од Законот за попис на населението, домаќинствата и становите
во Република Македонија 2011 година“ се вели во соопштението од
Државната пописна комисија.

Инаку заклучно со вчерашниот ден неофицијално биле попишани  околу еден милион граѓани, што е помалку од половина население, пописот течеше тешко со сериозни проблеми, особено во Западна Македонија.

Проблеми со составувањето на пописните парови имаше и во Охрид, каде поради недостаток на попишувачи Албанци, беа вклучени попишувачи од други етнички заедници, кои пак негодуваа на распоредот по реони.

Пописот на населението и домаќинствата уште од подготвителниот период го пратат контроверзи. Иако е статистичка операција тој беше исполитизиран, на што јавно предупреди претходната претседателка на Државната пописна комисија Весна Јанеска, која во знак на незадоволство си поднесе оставка неколку часа пред почетокот на пописот, а ден претходно функцијата ја напушти и потпретседателот Абдулменаф Беџети. Нивните места ги зазедоа Слободанка Гиевска и Бујар Османи, но и тие заедно со членовите на Државната пописна комисија си поднесоа оставки, со што понатамошното одвивање на пописот кој започна на 1-ви октомври е доведено во прашање.

Последна информација: Утре ќе се одлучува што натаму(18.00)

На итна седница што ќе се одржи утре Владата ќе одлучува што натаму со пописот, односно дали ќе биде прекинат или одложен, изјави вицепремиерот задолжен за Рамковен договор, Муса Џафери по колективната оставка на членовите на Државната пописна комисија.

„Треба прво да заседава Владата па Собранието да одлучи дали ќе има прекин на пописот. Утре ќе заседава Владата, а задутре Собранието. Ќе заземеме заеднички став за што ќе се случува натаму со пописот. Не е ништо трагично ако пописот се одложи за шест месеци, 12 месеци“, ја пренесува изјавата на Џафери агенцијата „Макфакс“.

Членот на Државната пописна комисија, и директорка на Државниот завод за статистика, Благица Новковска изјави дека Комисија ги стопирала сите пописни активности. На сите учесници им било кажано дека засега пописот е прекинат и дека дополнително ќе добијат упатства што натаму.

Членот на Комисијата, Артан Груби, изјави дека членовите и препорачале на Владата да го прекине пописот.

Другите членови на пописната комисија како и од владата, засега се недостапни за коментар

OhridNews