Во објавениот конечен извештај од извршената ревизија на финансиските извештаи и буџетот на општина Охрид за 2010, државниот ревизор изразува негативно мислење во однос на усогласеноста на финансиските трансакции со законската регулатива.

Според извештајот, општината не постапила по дадените препораки за преземање мерки, согласно законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа, за надминување на финансиската нестабилност во која се наоѓа.

И покрај тоа што е блокирана сметката поради судските извршни решенија за заостанатите долгови, спротивно на законските одредби, во 2010 дел од трансакциите биле извршени по пат на компензации, цесии, асигнации во вкупен износ од 305.166.000  денари од кои во износ од 275.126.000 денари или 53 % од вкупните приходи од буџетот не биле реализирани преку платниот промет на трезорскиот систем, стои во извештајот.

Како забелешка од страна на ревизорот се наведува и што општината не пресметува и остварува приходи по основ на комунални такси, за користење површини во кампови, за подигање шатори, за истакнување реклами на јавни места, закупнина на простор за поставување рекламни објекти, како и за користење на простор за паркирање возила. Имено, ревизијата утврдила дека субјектите кои стопанисуваат со јавните паркинзи остваруваат приходи по основ на паркирање, но спротивно на законот не пресметуваат и наплатуваат такса од граѓаните за користење на просторот за паркирање и дека тоа додведува до помалку остварени приходи во буџетот.

Како причина за помалиот прилив на приходи во општинската каса, државниот ревизор го наведува и не остварувањето на приход од надоместокот за одржување на јавна хигиена. Како што стои во извештајот, средствата од наплатата на надоместокот за одржување на јавна чистота која ја врши ЈП Охридски комуналец, претпријатието  е должно месечно да ги префрла на сметката на општината. Според ревизорскиот извештај, во 2010 не е евидентирано остварување на ваков приход., ниту пак општината располага со податоци за висината на средствата прибрани од јавното претпријатие.

При извршената ревизија за 2010 била утврдена и значителна неусогласеност на остварените со планираните буџетски приходи, а во билансот на состојба не биле искажани побарувања по основ на данок на имот,  комунална такса за истакнување на фирма, закуп и користење на простор пред деловни простории, како и од закуп на паркинг простор.

OhridNews