Демократскиот сојуз предлага Република Македонија да биде една изборна единица, како основа за демонтажа на еднопартискиот систем и јакнење на одговорноста при носењето круцијални одлуки и владеење на правото, истакна лидерот на партијата Павле Трајанов.

-Во рамките на приоритетните реформи кои треба да ги спроведа Реформската Влада, која се очекува да се формира во текот на овој месец, предлагаме да бидат и промените во изборната регулатива, при што најбитно е да остане пропорционалниот изборен модел, а Република Македонија да биде една изборна единица. Во ова насока очекуваме и нов систем за евидентирање на гласачите, електонско гласање, како и целосна професионализација на ДИК. Доколку Македонија биде една изборна единица, составот на Парламентот ќе биде реален одраз на волјата на граѓаните, но и во голема мера ќе се намалат можностите за кршење на изборните правила, партиите ќе морат да соработуваат и ќе се создадат услови за поодговорно владеење. Овој изборен модел отвора можност и за помалите и новоформираните партии, како и за помалите етнички заедници. – рече Трајанов.

Тој ги повика политичките партии, граѓанските асоцијации и сите граѓани, доколку се за промени, правда и одговорно владеење, да ја подржат оваа иницијатива.

OhridNews