Општинскиот Eлектро-машински училиштен центар „Свети Наум Охридски“ од Охрид и СОУ „Киро Спанџов-Брко“ од Кавадарци се првите две средношколски образовни установи во земјата што од пред три години во наставата го воведоа концептот за дуално образование.

Станува збор за пилот-проект што заеднички го реализираат Владата преку Министерството за образование и наука, Центарот за стручно образование и обука, Бирото за развој на образованието, а со поддршка на Делегацијата на Германското стопанство во РСМ. Проектот предвидува четиригодишно образование на ученици, конкретно за профилите од електрохеничка струка за звање техничар за индустриска мехатроника и од машинската струка техничар за производно машинство.

Ние сме установи што први во земјата што стартуваа со оваа експериментална програма, која со новиот закон за средно стручно образование прминува во редовна програма, со тоа што како училишта сме директно и активно вклучени во изработка на наставните планови и програми, во координација со Делегацијата на Германското стопанство во земјата. Се формираа работни групи од професори од Охрид и Кавадарци, како и инжинери од компаниите партнери – „Костал“, „ОДВ Електрик“ и „ЛТХ леарница“ во Охрид и „Дрекслер Маер“ во Кавадарци, појасни Сашо Недески, директорот на ОЕМУЦ „Свети Наум Охридски“.

Обучувачите во самите компании вклучени во проектот се лиценцирани, сертифицирани со обуки од Стопанска комора на РСМ, изготвени од Центарот за стручно образование, а работат исклучиво по наставните планови и програми изготвени од работните групи. Сите обучувачи истовремено поседуваат и соодветна педагошка наобразба.

Работните групи неодамна ги изготвија наставните планови и програми за прва втора и трета година,а во фаза е изготвувањето и за четврта година за двата образовни профила. Практичната настава во дуалното образование во Охрид и Кавадарци започнува од втора година. За прв пат се соочивме со таков вид практична настава, што е поинаква од редовната практична настава. Таа ја изведуваат сертифицираните обучувачи, еден ден седмично за учениците од втора година, додека од трета година таа ќе биде два дена седмично во одбраната компанија, а во четврта година ќе биде три дена вели Недески.

Позитивните аспекти од дуалното образование допрва се очекуваат, но она што е видливо засега е податокот дека се зголемува интересот кај младите ученици после завршеното основно образование да се определат за настава по дуално образование. Првата година наставата во дуално образование во Центарот во Охрид почнаа да ја следат 18 ученици, а веќе оваа учебна година нивниот број порасна на 30 ученици во двата профила.

Позитивните искуства од дуалното образование што во западниот држави се спроведува години наназад, укажуваат дека покрај стекнатите практични знаења, учениците анагажирани во одредена фирма или компанија на одреден начин почнуваат да ја сметаат како своја, воспоставуваат пријателски, партнерски однос, се социјализираат со вработените и поинаква е нивната перцепција кон работата, се зголемува нивниот интерес, тие почнуваат да размислуваат својата иднина да ја гледаат во фирмите каде се обучиле. Бенифитот за самите компании тука е неспорен, кога добиваат целосно обучен, мотивиран и потенцијално попродуктивен кадар, смета Недески.

Споредбено со редовната практична настава согласно постојните наставни програми, практичната настава во дуалното образование е многу поразлична.

Старите наставни планови и програми беа крути и ја ограничуваа реализацијата на истата, а практичната настава ја реализираа професорите по практична настава. Во дуалното образование наставните програми и обуки се флексибилни, прилагодени на потребите на самата компанија, секоја од нив ги прилагодува според условите на реализација, а наставата ја изведува обучен кадар од самата компанија и професор по практична настава од училиштето. Од друга страна, интересот за практична настава кај учениците во дуалното образование е многу поголем, за разлика од редовната пракса затоа што секој ученик има свој ментор што го следи низ процесот на обука. Учениците не работат, туку се обучуваат да работат, а истовремено им се дава и паричен надоместок за секој работен ден минат во компаниите, појаснува директорот Недески.

Од тие причини, од прва година се сменати наставните планови и програми и во паралелките од редовната настава, се оди со модуларно дизајнирани предмети што значи зголемување на практичната настава и повеќе вежби, со сличен принцип на дуалното образование. Се воедува задолжителна феријална пракса која се изведува за време на летнот распуст на учениците во време од 15 до 20 работни дена.

И Стопанската комора која директно е вклучена со пилот-проектот ги помага напорите што ги вложуваат стручните училишта за ввоведување на дуалното образование во своите наставни програми.

Не е воопшто едноставно да се искоординираат сите активности на сите субјекти вклучени во процесот – образовните центри, Министерството за образование, Центарот за стручно образование, Бирото за развој и самите компании заинтересирани за проектот. Компаниите треба да се прилагодат на образовниот систем, а и училиштата да се прилагодат на потребите на компаниите по принцип на дуалност односно на партнерство, оцени Недески.

Германската влада од март оваа година преку KFW банка ќе активира посебен фонд кој располага со 25 милиони евра за југозападен Балкан што ќе доделува грантови односно неповратна финансиска поддршка на проекти од дуалното образование, како што се обуки на професори, обучувачи, набавка на опрема во насока за модернизирање и подршка на воспитно образовниот процес. Планирано е за тие средства заеднички, партнерски да аплицираат компаниите и образовните установи вклучени во дуалното образование.

Недески посочи дека опремувањето на работилниците за дуално образование, особено оние од машинскиот дел, е доста скапо. Една ЦНЦ машина чини најмалку 40 илјади евра, што е висока цена за нашите стандарди. Интенција е самите компании преку грантовите да обезбедат опрема за работилниците во училиштата, технологија компатибилна на онаа во нивниот производствен процес, опрема што работи на програмски јазик идентичен на оној во самите фабрики за да може да се поедностави образовниот процес, односно она што ќе го учат кадрите во училиштата да можат веднаш да го применат во пракса.

Директорот на „Костал Македонија“ Виктор Мизо истакна дека компанијата е еден од пионерите во воведувањето и поддршката на системот на дуално стручно образование.

Почнувајќи од 2018/2019 година, со подршка на Комората на германското стопанство (АНК), а во соработка со средното стручно училиште – ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“, започнавме обука на 9 ученици од стручните профили – машински техничар и техничар за индустриска мехатроника. Соработката со истиот интензитет и истиот број на ученици продолжува и во учебната 2019/2020 година, а освен редовнииот престој на учениците опфатени со дуалното стручно образование во текот на учебната година, предвидена е и двонеделна феријална пракса во текот на летниот распуст. Компанијата на сите ученици им обезбедува и паричен надоместок во текот на целата учебна година и за време на феријалната пракса, вели Мизо.

За „Костал Македонија“ како работодавач, бенефитите од дуалното образование се во ублажување на недостатоците на квалификувани кадри на пазарот на труд и обезбедување на истите.

Преку вклученост на Работодавачите во креирањето и спроведувањето на образовните програми очекуваме нивна модернизација и прилагодување кон реалните потреби и барања на индустријата. Од друга страна, преку раното воведување на младата генерација во производствениот процес очекуваме и унапредување на индустриската култура кај генерацијата која доаѓа, а со тоа и популаризацијата и зголемување на интересот за нивно вработување и кариера во индустријата, рече Мизо.

Што се однесува на самите ученици вклучени во дуалното образование, тие велат дека задоволни од целокупниот начин на кој се спроведува наставниот процес, како теоретскиот така и од практичниот дел.

Наставата еден ден во седмицата ја одржуваме во самите фабрики. Теоретскиот дел што го учиме во училиштето можеме да го применуваме таму. Секој ден од праксата учиме нешто ново, така што можам да кажам дека веќе сме подготвени активно да се вклучиме во некои од производствените процеси, изјави Виктор Трајчески, ученик од трета година кој практичниот дел од дуалното образование го спроведува во „Костал“.

Марио Ангелкоски кој исто така оди на практична настава во „Костал“ рече дека теоретскиот дел од наставата научен во клупите практично го применуваат во производствениот процес.

Со секое одење на пракса ги унапредуваме нашите знаења. Оние предмети што ги учиме како стручни тука во училиштето, се соодветни на она што го среќаваме во компаниите каде што одиме на практична настава, што ни го олеснува образовниот процес. Истовремено, таму не третираат како свои колеги, имаме обезбеден превоз, оброк и уште добиваме и пари за секој ден минат во погоните, вели тој.

Евгенија Шулеска која практичната настава ја следи во „ЛТХ леарница“ смета дека овој начин на образование и овозможува однапред да го планира својот професионален ангажман во иднина, кога веќе уште од средното образование има вештини и знаења од избраната област, со теоретски наобразби стекнати преку практична обука во производствен процес.

Сите тројца млади техничари со амбиции образованието да го продолжат и на некои од високообразовните институции, но сепак со планови тоа да биде од областа на механотрониката, односно да бидат дел од процесите каде почнале да ја профилираат својата идна професија.

Претставници на ресорното Министерство за наука и образование веќе спроведуваат консултативни средба со претставници од компаниите, локалната самоуправа и средните стручни училишта низ градовите во земјата.

Разговараме со локалните власти и бизнис-секторот за нивните реални потреби од одредени профили кадри што им недостасуваат на компаниите, како и за можностите за нив да се отворат паралелки во средните училишта. Веруваме дека низ овој социјален дијалог ќе ги идентификуваме потребите и ќе можеме да одговориме на барањата на компаниите, но и за создавање стручно образование што ќе генерира кадар потребен на реалниот сектор, рече заменик-министерот Арафат Шабани.

Министерството за образование и наука веќе има спроведено анализа за постојните профили што ги нудат училиштата, нивната усогласеност со потребите на компаните, но и подготвеноста на компаниите за соработка со средните стручни училишта на локално ниво.

Овие средби треба да ги потврдат резултатите од анализите, но и да ја зајакнат соработката и довербата меѓу стручните училишта и компаниите на локално ниво. Средните стручни училишта треба конечно да станат места каде ќе се генерира стручен кадар што е баран на пазарот на труд, а компаниите да станат места каде учениците ќе можат да очекуваат професионален ангажман, рече Шабани.

Овие состаноци се дел од процесот „Учи паметно, работи стручно“ чија основна цел е да се идентификува потребата од отворање на одредени профили и паралеки во средните стручни училишта во градовите низ државата од идната учебна година.

Градоначалникот на Охрид Константин Георгиески од своја страна изрази уверување дека планираните реформи во средното стручно образование ќе овозможат поквалитетен живот за младите, поттикнување и зголемување на економскиот раст. Оттаму, како што истакна, потребата во процесот со свои сугестии поеднакви да бидат вклучени сите засегнати страни.

Егзистирањето на општините во современи услови не може да се замисли без локален економски развој. Успешното резлизирање на овој концепт подразбира создавање поволна бизнис-клима за сите деловни активности и инвестирања на сите деловни субјекти што егзистираат во градот. Еден од најважните предуслови за развој на индустријата, бизнисот и туристичкиот сектор е квалификуван, стручен кадар што ќе може продуктивно да одговори на потребите на пазарот на работна сила, рече Георгиески.

Тој додаде дека странските компании што веќе имаат инвестирано и работат во охридскиот регион веќе ја наметнаа потребата од стручен кадар и креирање образовен систем што ќе продуцира обучени работници што ќе можат да се вклопат во производствениот процес. Како успешен пример тој го посочи општинскиот електромашински училишен центар „Свети Наум Охридски“ како еден од позитивните примери каде успешно функционира системот на дуално образование како еден вид јавно партнерство на училиштето и компаниите.

Освен квалификуван кадар за индустриските капацитети, Георгиески рече дека Охрид како туристички центар има континуирана потреба од подобрување на квалитетот и вештините на стручниот кадар од областа на туризмот и угостителството, но исто така и од бизнисот, економијата и медицината. Токму поради тоа потребна е содветна стручна анализа на моменталните наставни програми, актуелните стручни насоки во општинското средно училиште „Свети Кирил и Методиј“ и во регионалниот центар за средно стручно образовние „Ванчо Питошески“.

Градоначалникот Георгиески ја искористи можноста да укаже дека Општина Охрид во рамки на своите надлежности постојано инвестира во подобрување на условите за учениците во средните училишта, преку реализација на реконструктивни зафати и проекти, со најава за спроведувње слични активности и во иднина.
Моментално во пробниот процес на дуалното образование само во охридските образовни центри се вклучени 73 ученици. Оценка на државните институции е дека процесот стартувал добро, за што како потврда го посочуваат зголемениот интерес за таков вид образование кај компаниите, училиштата, локалната самоуправа и кај самите ученици.

Од ресорното Министерство за образование и наука најави дека ќе продолжат активностите за подобрување на образовниот процес со нови, модерни наставни планови и програми, подобрување на квалитетот на наставен кадар преку разни видови поддршка и обуки. Интенција е завршените ученици да останат во домашното стопанство преку трајни вработувања и на таков начин да се зајакнува таа воспоставена симбиоза меѓу образованието и стопанството.

Александар Бачиќ/МИА