Празникот Водици во култниот ресторан Св. Софија во стариот дел на Охрид е посебен. Од ова место започна возобновувањето на убавата охридска традиција за масовно одбележување на Богојавление на почетокот на деведесеттите години од минатиот век. Тука подоцна се формира и здружението Богојавление кое долги години го организираше културно забавниот дел од празникот како поддршка на Дебарско – кичевската епархија која е задолжена за духовниот дел од големиот празник.

Во Св. Софија со години доаѓаа кумовите на Водици кои го даруваа фаќачот на крстот, но и многу премиери, шефови на држави, амбасадори и познати јавни личности од регионот, што придонесе одбележувањето на празникот Водици во Охрид да добие и меѓународна димензија.

Во 2015 година здружението се откажа од организацијата на манифестацијата и истата ја препушти на општината и Дебарско – кичевската епархија. И покрај тоа традцијата на одбележувањето на празникот во ресторанот Св. Софија продолжува. И денеска таму дојдоа голем број гости, од сите бранши и краишта на земјата, но и нашинци со нивни пријатели од странство кои уживаа во убавата охридска традиција.

Охрид за Водици е посебен. Атмосферата во градот исто така. Православните храмови се полни со верници, а низ градските сокаци од сите страни се слуша песна и разговор на весели и среќни луѓе. Така беше денеска и во ресторанот Св. Софија кој и натаму ја негува убавата традиција и продолува да сведочи за историјата на одбележувањето на богојавленските празници во Охрид.

OhridNews