Демократската унија за интеграција (ДУИ) во саботата изрази жалење за негативната кампања по повод изборот на Талат Џафери за министер за одбрана,  за која смета дека е иницирана од одредени кругови во Македонија, пренесува „Макфакс“.

„Во оваа прилика ,сакаме да ја потсетиме јавноста дека Џафери еднаш беше заменик-министер за одбрана во многу почуствителна ситуација за  земјата и општеството, и затоа сметаме дека оваа негативна кампања е  исклучиво политички мотивирана и против интересите на државата и граѓаните“, стои во соопштението.

Без да се посочи одредено име или партија, од ДУИ велат дека не ги чуди фактот што овие реакции доаѓаат од „истите структури на кои воопшто не им пречеше Џафери како заменик на министер за одбрана со истите  овластувања надлежности“.

„Истовремено потсетуваме дека Џафери бил и пратеник од 2002 год, и член на работни тела во Собранието. Како експерт и искусен во областа дал придонес и при усвојување на стратегија за безбедност како основен документ за реформите во безбедносните структури како услов за зачленување на РМ во НАТО“, стои во соопштението.

Притоа се истакнува дека ДУИ ќе продолжи да биде конструктивен фактор во политичката сцена и со секој политички чин активно ќе придонесуваа за реформа на државните институции со цел да ги направи компатибилни со барањата на западните сојузници и европските вредности и стандарди.

Во исто време, ги повикуваме сите политички актери, граѓанското општество, медиумите и академската елита, да го поддржат процесот на градење на мулти функционална демократска држава како единствена алтернатива и предуслов за нашата целосна евро-атлантска интеграција, се вели во соопштението на ДУИ.

OhridNews
извор:„Макфакс“