Имало немало културен настан монтажната бина наменета за концерти на играорните групи кои настапуваат на локалните фестивали цело лето стои пред дуќаните, бутиците, рестораните, кафетериите и деловните простории лоцирани на плоштадот кај стариот чинар оневозможувајќи слободен проток на луѓе и простор за нормално функционирање на бизнисот. Проблемот е уште поголем за време на одржување на културните настани бидејќи публиката ги блокира влезовите на деловните објекти, се жалат сопствениците. Тие неодамна поднеле барање до општина Охрид и градоначалникот Никола Бакрачески за отстранување на монтажната бина која им го загрозува бизнисот.

-Спротивно на организираните манифестации, како што се Балканскиот фестивал на народни песни и игри и далеку прочуениот фестивал Охридско лето, кои се манифестации кои надалеку го прославија Охрид и Македонија, собирите или „фестивалите“ кои се организираат на плоштадот кај Чинарот се стихијни, неорганизирани и по се изгледа профитабилни за поединци, но даваат грда слика за нашиот град, а уште повеќе го реметат нормалното функционирање на овој дел од старата чаршија, особено на продавниците и угостителските објекти кои пак се даночни обврзници и овој период од годината го очекуваат со надеж дека ќе обезбедат заработка за себе и своите семејства, но и да си ја платат обврската кон државата. Фестивалџиите кои на своја рака организараат вакви настани го окупираат плоштадот секое лето и тоа повикувајќи се на Одлуката за поставување на урбана опрема во општина Охрид, донесена од советот на општина Охрид. – стои во дописот испратен до локалната самоуправа.

Сопствениците на деловните објекти го издвојуваат и проблемот со бучавата, но и немањето јавни тоалети што, како што велат, ја прават ситуацијата неподнослива, бидејќи гостите и учесниците на манифестациите за нужда ги користат блиските објекти.

-Од тие причини бараме градоначалникот и Секторот за урбанизам под итно да ја преиспитаат одлуката за поставување урбана опрема на оваа локација, како и да одговорат дали е запазена постапката за издавање на дозвола за поставување урбана опрема. – се вели во дописот на сопствениците на деловни објекти испратен до локалната самоуправа.

Општина Охрид во одговорот на барањето истакнува дека монтажната бина е поставена согласно прописите и одлуката за поставување на урбана опрема, со цел одржување на  на значајни меѓународни фолклорни фестивали во организација на роднокрајни фолклорни ансамбли и дека согласноста е издадена со цел негување на македонскиот фолклор и меѓународна културна промоција на Охрид.

-Ве известуваме дека во целост е запазена законската регулатива од Законот за градење, во целост се исполнети одредбите од Годишната програма за поставување на урбана опрема на територијата на општина Охрид. Исто така ве известуваме дека во иднина ќе ги имаме предвид Вашите укажувања. – се вели во одговорот на локалната самоуправа.

Г.М.