Музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ продолжува со вечерашниот концерт на уметниците Емир Имеров од Македонија на виолина и Ваг Папиан од Израел на пијано.

Реномираниот пијанист и диригент Ваг Папиан кариерата ја започнува во 1979 година по победата на Меѓународниот натпревар „Виана да Мота“. Дипломира пијано на Московскиот конзерваториум, а потоа студира и диригирање во класата на Иља Мусин на Конзерваториумот во Санкт Петербург. Во 1984 година станува асистент диригент на Ерменската филхармонија, а подоцна станува и уметнички раководител и шеф диригент на овој оркестар. Откако емигрира во Израел во 1990 година, како диригент работи со оркестарот во Бир Шива и со Симфонискиот оркестар во Ерусалим. Диригира со бројни оркестри низ светот, настапува на престижни фестивали, а како камерен партнер на виолинистот Максим Венгеров остварува бројни снимки за Еми Класикс. Во сферата на операта диригира продукции на „Кармен“, „Дон Џовани“ и „Норма“, а во моментот е гостин диригент во Националната опера во Ерменија и професор на академијата „Самуел Рубин“ во Тел Авив, а е гостин предавач на високи музички школи во неколку европски земји. Член е на клавирското трио „Бенџамин“.
На програмата се избрани дела на Брамс, Шуберт, Бетовен, а концертот ќе се одржи во црквата „Света Софија“ од 21 часот.
OhridNews











