Лоша патна инфраструктура, долги административни процедури на границите. Ова се само дел од забелешките што холандските туристи им ги предочиле на македонските туристички работници, кои тие денеска ги изнесоа на средбата со вицепремиерот Владимир Пешевски.


– Впечатокот на гостите од Холандија генерално е позитивен, но при еднодневните  организирани патувања за Тирана и кружната екскурзија околу Охридското Езеро туристите од Холандија се соочиле со чекање од по час и половина и на излез и влез во Македонија, што претставува проблем, бидејќи тие не се навикнати на долги административни процедури.-изјави Дончо Танески, претставник на заедницата на хотелиери.  Тој истакна дека туристичките работници од Охрид и Струга на средбата добиле ветување од вицепремиерот дека ќе бидат преземени мерки во рамки на МВР во иднина да се забрза пасошката процедура.


Хотелиерите на Пешевски му се пожалија и на катастрофалната состојба на патиштата кои се под надлежност на државата, пред се на патните правци од Струга кон Калишта и од туристичката населба Лагадин до Пештани, кои е неопходно целосно да се реконструираат.

Вицепремиерот Пешевски  истакна дека Владата ќе стори онолку колку што може за проблемите да се отстранат.

– Проекти од ваков карактер со ваква сложеност бараат ангажираност на сите учесници, бидејќи доколку само еден од ланецот на туристичката услуга не ја врши својата работа како што треба може да остави негативен впечаток и тоа да се одрази на сите.-рече Пешевски.


Кај туристичките работници постои оптимизам дека холандските туристи ќе продолжат да доаѓаат во Охрид уште долги години, а таквите најави може да се конкретизираат веќе во јуни кога тамошните тур-оператори треба да донесат одлука за продолжување на договорите со хотелиерите во Охрид и Струга на дополнителни 3 години. Отстранувањето на посочените проблеми, најверојатно би помогнало тоа да се оствари, бидејќи дел од нив, особено лошата инфраструктура, го мачат туризмот во Охрид и Струга со децении. Предизборно туристичките работници добија ветување дека ќе се преземат мерки за нивно решавање, но се додека навистина не се променат состојбите,  нема да се смени ниту мислењето на искрените гости од странство, затоа што во туризмот никогаш нема втора шанса за прв впечаток.

OhridNews