Според истражувањето на Републичкиот совет за безбедност во сообраѓајот на патиштата, 85 отсто од испитаниците одговориле дека управувале со моторно возило под дејство на алкохол, 86 отсто ја пречекориле максималано-дозволената брзина, додека 63 проценти од испитаниците изјавиле дека користат мобилен телефон додека управуваат со моторно возило. Ова беше истакнато на прес конференцијата на РСБСП, одржана денеска, на која беа најавени нови две кампањи за подигање на безбедноста во сообраќајот.
Првата кампања е насочена кон едукација на учесниците за штетните последици од користење мобилен телефон додека управуваат со моторно возило, а вората има цел преку реални примери од сообраќајни незгоди и лични судбини да ја подигне свеста за штетните последици од возењето со зголемена брзина и возењето под дејство на алкохол.
Кампањите ќе се реализираат во период од шест месеци.
Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, ги повикува сите надлежни институции да се вклучат во овие кампањи. Истовремено, испрати апел до МВР поактивно и бескопромисно да продолжи да ги санкционира сите прекршители на Законот, а учесниците во сообраќајот да го преземат својот дел од одговорноста.
Според презентираните статистички податоци, минатата 2015 година во сообраќајните несреќи низ земјата живото го загубиле 148 лица. Тоа е пораст од претходната 2014-та кога се регистрирани 130 смртни случаи, кога е регистриран значителен пад на трагичниот епилог од сообраќајните несреќи во однос на претходната 2013 година – 198. Кога станува збор за смртни случаи на самото место на сообраќајната незгода, мината година се регистрирани 135 жртви, наспроти 115 претходната 2014 година.
Што се однесува до бројот повредени лица во сообраќајните несреќи, минатата година е забележан благо пораст, односно во 2015-та година имало 3.737 а година дена претходно 3.719 повредени. Благо, пак, е намален и бројот вкупно поведени учесници во сообраќајот, односно 5.913 во 2015-та наспроти 6.056 во 2014 година.
Во првиот квартал од годинава 2016-та е забележан значителен пораст на загинатите лица во однос на претходните две, односно 35 лица починале како последица на сообраќајни несреќи во периодот од јануари до март. Тој трагичен показател за претходните две години (2015 и 2014) изнесува 23 односно 24, жртви, додека во првите три месеца од 2013 година биле регистрирани 41 жртва во сообраќајни инциденти.
Според видот на сообраќајните несреќи во 20156 година најбројни се оние меѓу возило и возило – 1.916, потоа возило со пешак – 984 несреќи, излетување на возило од коловозот – 530 несреќи.
Статистиката покажува и дека во првото тримесечје од 2016-та се регистрирани 31.591 изречени санкции од страна на Министерството за внатрешни работи поради прекршоци во сообраќајот, додека за целата 2015 година таа бројка изнесувала 97.428 санкции.
OhridNews
извор: „Макфакс“