Формализацијата на сивата економија е една од највисоките стратешки определби на Владата и клучен сегмент од реформската агенда, бидејќи директно влијае врз економскиот раст, стабилноста на јавните финансии и заштитата на работниците, рече министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.

Министерот Дурмиши потсети дека Министерството и досега преземало мерки преку Оперативниот план за вработување, но анализите покажале дека дел од лицата и понатаму остануваат надвор од формалните текови.
Токму затоа беше донесен Законот за работно ангажирање на лица, кој ќе започне да се применува од 1 јануари 2026 година и претставува суштинска реформа во начинот на повремено и сезонско ангажирање на работници, рече тој.
Според него, со законот се воведува пофлексибилен и поедноставен модел за легално ангажирање на работна сила, со јасна правна рамка и електронски процедури за пријавување, одјавување и уплата на придонеси. Дурмиши нагласи дека законот овозможува ангажирање на вработени, невработени, студенти, ученици и пензионери, без губење на нивните веќе стекнати права.
Во првата фаза, како што информираше министерот, се опфатени дејностите каде што сивата економија е најизразена – земјоделството, шумарството, рибарството, објектите за сместување, сервисните дејности за храна и дејностите во домаќинството.
Со примената на законот се очекува формализација на околу 17.400 лица, од кои до 12.000 сезонски работници во земјоделството и околу 5.400 непријавени работници во туризмот, угостителството и услугите, рече Дурмиши.
Тој истакна дека реформата носи придобивки и за работниците и за работодавачите, преку поедноставени административни постапки, исплата по час, уплата на придонеси и јасна правна заштита на работничките права.
Паралелно со ова, министерот потсети дека од 1 јануари 2026 година започнува да се применува и Законот за финансиска поддршка на инвестициите, кој обезбедува финансиска поддршка за компании што инвестираат, отвораат нови работни места и остваруваат раст на приходите.
Комбинацијата од овие два закони значи истовремено сузбивање на сивата економија и активна поддршка на формалната економија, со што државата создава стабилна, предвидлива и фер деловна клима, рече министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.
OhridNews











