Над 150 улични артисти, музичари и театри, ќе бидат дел од уличниот театар „Баскерфест“ кој годинава за прв пат ќе се одржува во Охрид. Несекојдневните перфоманси, пантомима настапи, претстави, музика во живо, улични танчери, ликовни изложби, посетителите ќе имаат можност да ги проследат во сабота и недела во вечерните часови на големиот и малиот плоштад и плоштадот кај Чинарот.
– Уличните фестивали се своевидна културна атракција во повеќе земји во светот и од тие причини и локалната самоуправа сметаше дека е добро да им даде подршка на уметниците од овој фестивал со што Охрид ќе се вброи во листата на градови каде што овие фестивали се традиција. Ги повикувам граѓаните и гостите да се подготват за ова несекојдневно аудио и визуелно уметничко шоу кое ќе ги воодушеви и во кое ќе имаат можност да уживаат, рече градоначалникот Никола Бакрачески.
Организаторите ветуваат вистински сплет на културни, забавни и уметнички содржини кои во текот на деновите од викендот ќе ги забавуваат охриѓани и гостите.
– Се надеваме дека ќе има бројни посетители кои ќе бидат задоволни од програмата. Нашите артисти се расположени да претстават нешто ново и да пренесат интересно искуство кое досега можеби го немало овде. Годинава атракција ќе биде самба бендот „Барбароса“ кој подготвува голема забава, потенцираат организаторите на „Баскерфест“.
Меѓу учесниците на „Баскерфест“ е и Еугенио Џед Мартинез кој ќе свири на неколку инструменти и ќе изведе бројни композиции од фламенко музика, рок музика, електронска музика.
– Сакам да сум овде во ова прекрасно место. Ми се допаѓа вашата земја, луѓето и сакам да настапувам тука, изјави Мартинез.
Уличните фестивали се значајна културна атракција во многу земји. Благодарение на „Баскерфест“ во листата се вклучува и Македонија. „Баскерфест“ е првиот меѓународен и мултикултурен уличен фестивал кај нас, признат како најголем настан од ваков вид во регионот.
Т.К.