Македонската ракометна репрезентација во 1/8 финалето го заврши патешествието на Светското првенство во Шпанија. Ракометната селекција не беше ни бледа сенка од онаа пред една година кога на Европското првенство во Србија го освои историското петто место.


Но, да се навратиме на мундијалот во Шпанија. Како ги испративме ракометарите добро беше што стигнаа на време да го одиграат првиот натпревар на мундијалот. Светското првенство го отворивме со Чиле, каде место лесна победа со поголема гол разлика, ние до финишот на мечот треперевме за првите бодови во групата.

Избраниците на селекторот Ѕвонко Шундовски на натпреварот со Катар го покажаа вистинското лице, но само во првиот дел. Потоа следуваше пад во играта, деконцетрираност и премногу технички грешки за една петта селекција на Европско првенство, но тоа не не чинеше скапо и Македонија ја забележа втората победа на мундијалот.


Ракометарите најавуваа дека мундијалот во Шпанија започнува со мечот во третата рунда против селекцијата на Исланд, но за нас тука некаде и заврши. “Рибарите“ ги искористија сите наши пропусти, грешки и не совладаа.

“Македонските лавови“ се разбудија со Русија и на момент ги вратија спомените од Србија, каде ракометарите се издигнуваа кога беше најтешко. “Зборнајата“ во третиот обид не успеа да ја совлада ракометната фаланга на едно големо натпреварување.

Од извлекувањето на групите целата македонска јавност се остреше за дуелот со Европскиот првак, Данска во последната петта рунда. Сеуште се свежи сеќавањата од белградската трагедија, кога со гол во последната секунда данците не победија и на широки врати си го отворија патот до златниот медал.


Пред мечот со Данска, Македонија можеше да избира, победа над данците и во 1/8 финалето против Франција или пораз од Европскиот првак, Данска, и во 1/8 финалето дуел со Германија.

Селекторот Шундовски и целокупниот стручен штаб ја одбраа погрешната одлука. На десет минути до крајот на мечот со Данска бркавме победа, а дури и водевме, но кога Хансен и компанија се разиграа, тогаш селекторот од игра ги повлече најдобрите поединци, што беше прекасно. Мечот го загубивме, не им се реванширавме на данците за Белград и во 1/8 финалето ја одбравме Германија.


Патувањето од Севиља до Барселона, засекогаш ќе им биде врежано на ракометарите но не и осминафиналниот дуел со Германија.

“Панцирите“ немилосрдно ја полнеа нашата мрежа додека ние неможевме да го пронајдеме патот до таму. Тие ги казнуваа нашите грешки, а ние само каскавме позади нив и некако одржуваме разлика која сепак даваше надеж.


Репрезентативците во вториот дел собраа сили и одговорија на предизвикот, успеаја да им се доближат на германците. Но кога требаше Македонија да уфрли брзина погоре, следуваа недопустливи промашувања и додавања кои лесно ги читаа германските ракометари.

“Швабите“ на крајот од мечот се радуваа на победата, а ние и нашите ракометари ќе останиме да се прашуваме каде згрешивме и како тоа да го поправиме.

Михаил Постоловски