Пред една недела пресуши изворот кој го полнеше малиот канал Студенчица со вода кој се влева во каналот Студенчишта кај Билјанини Извори. Пред да пресуши изворот во каналчето имаше проточна вода по целата должина на каналот  и плашицата од каналот влегуваше  по храна во каналчето. Со пресушување  на изворот во малото каналче се намали нивото на водата и се формираа мали површини од вода  преполни со плашица.


Затоа што каналчето е полно со препреки од разни одпадоци плашицата, по слободни проценки на спортските риболовци околу 20 килограми,  не успеа да се врати во каналот Студенчишта. Секој ден количината на водата во овие вирови се намалува и се појавува недостаток на кислород што е и  причина плашицата да почне да се гуши и умира, посочуваат спортските риболовци, кои како и надлежните институции укажуваат дека не се работи за помор на риба .

– Пред две недели од каналчето беа земени примероци на вода од Хидробиолошки завод, ветеринарен инспектор, инспекторот за рибарство и од  завод за здравствена заштита за ипитување . Кај  сите испитувања  водата е  од прва категорија со зголемена концетрација на јаглерод диоксид што е природно кај изворските води. – вели Радован Димитриески од СРД „Св. Апостол Петар“, укажувајќи дека застојаната вода може да се загади од разни причини.


Заробената риба во каналчето е лесен плен за рибокрадците кои истата ја продаваат, иако не смеат да го прават тоа, вели Димитриески.

– Рекреативните риболовци кои ловат со јадица според законот за рибарство не смеат да продават од уловената риба. Оваа плашица која се појави на пазарот и се продава по селата и приградските населби е уловена жива во малите водени површини на каналчето со кепче или со плашичарник од страна на рибокрадци.-посочува Димитриески.


Дваесетина килограми плашица заробена во каналчето кај Билјанини извори

СРД „Св. Апостол Петар“ упати апел до надлежните институции да го
исчистат каналчето кај Билјанините извори од разните отпадоци за да може
водата и рибата слободно да циркулира.

OhridNews