Од празникот Митровден тече конкурсот за избор на кум на Водици 2015, што го објави здружението на граѓани „Богојавление“, кое со поддршка на Дебарско кичевската епархија ги организира манифестаците по повод богојавленските празници. Традиционално изборот ќе биде објавен на 4-ти декември, на свечена седница на здружението.
До овој момент пристигнати биле три пријави за нов кум на Водици, но организаторот не ги открива имињата на кандидатите. OhridNews дознава дека кумството за Водици во Охрид го посакуваат двајца бизнисмени од земјава и една голема балканска музичка ѕвезда.
Од „Богојавление“ изнформираат дека во полн ек се подготовките за одбележување на Водици. До овој момент 17 охридски хотели понудиле попусти на празничните аранжмани за Водици, кои за прв пат ќе важат во периодот од 12 до 20 јануари 2015 година и ќе го опфатат празникот Стара Нова година – Василица.
-Целта е да се создаде еден регионален туристички прозвод кој ќе биде атрактивен за посетителите, кои покрај на празникот Водици во Охрид, ќе можат да присуствуваат и на атрактивниот карневал во Вевчани по повод Василица, истакнаа од здружението „Богојавление“.
Попусти за празникот ќе нудат и охридските угостители кои индивидуално ја подготвуваат празничната програма.
Предвидено е празнувањето на Водици да трае четири дена со богата културно забавна програма и бројни изненадувања за посетителите, а ќе биде подготвена и традиционалната рибна чорба за Денот на рибарите.
OhridNews