Поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело “Изнуда“, СВР Охрид поднесе кривична пријава против две лица од Охрид.
Пријавените, во текот на 2013 година со намера за прибавување противправна имотна корист, на сопственик на угостителски објект во населбата „Св Стефан“ во Охрид, усно но и со испратени текстуални пораки на мобилен телефон му упатиле сериозни закани со цел истиот да се откаже од намерата непосредно до својот угостителски објект да го купи крајбрежниот дел од плажата со површина од 264 метри квадратни. Поради сериозните закани, сопственикот на угостителскиот објект во текот на минатата летна туристичка сезона неможел да оствари корисничко право и владение врз крајбрежниот дел од плажата, што на први јуни 2013 година со преддоговор за купопродажба го купил од Македонската православна црква Дебарско кичевска епархија.
– Ова земјиште што било во сопственост на МПЦ – Дебарско кичевска епархија, пријавените непречено го користеле во периодот од 15 јуни 2010 до 15 јуни 2011 година по склучен договор со МПЦ -Дебарско кичевска епархија за времено користење. По истекот на едногодишниот договор, пријавениот со друго лице. од Охрид бесправно го продолжиле користењето на просторот во 2012 и 2013 година, бесправно го уредиле за обавување на угостителска дејност, го користеле и го издавале под закуп на други лица. Тие неовластено извеле градежни активности, поставиле угостителска опрема, без добиена согласност од ЕВН користеле електрично напојување и без добиена согласност од ЈП„Проаква“ користеле водоснабдување. Овие состојби се констатирани при извршени контроли на објектот во текот на јуни и јули 2013 година од страна на општинскиот градежниот инспекторат, Државниот пазарен инспекторат и од ЈП„Проаква“ Р.Е.Водовод Охрид, информира портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.
Во упатените закани, пријавените го присилувале сопственикот на објектот да им ги компензира нивните претходно направени трошоци од повеќегодишното уредување на просторот, што според нивна пресметка изнесувала околу 100.000 евра.
OhridNews