Во моментов на лекување се наоѓаат 12 повредени лица од несреќата во дискотеката „Пулс“, од кои 7 во странство, по двајца во Србија, Грција и Турција и едно лице во Словенија, информираше директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, на денешната трибина „Кочани е нашиот приоритет“.

Пет пациенти се лекуваат во земјата, три на Клиниката за пластична хирургија, повредени и вратени од Турција и Бугарија, и двајца во Систина. Од овие 12 повредени кои сеуште се лекуваат, еден е сеуште во тешка состојба. Од другите кои се третираат имаме 16 на плазма третмани, едниот збогатен со тромбоцити, другиот е без збогатување со тормбоцити. Шест се на Клиниката за пластична хирургија и 10 во болницата „Св. Наум Охридски“, посочи Клековски.

На преврски и слични третмани истакна се 38 повредени, од кои четворица во „8-ми Септември“, 26 во „Св. Наум Охридски“, пет во Кочани и тројца во Систина. На физикална терапија се 46 лица, од кои, сите се во Кочани, можно е едно лице да е во „8-ми Септември“.

Третманот со ПРТ (плазма со тромбоцити или без тромбоцити) се практицира кај 16 повредени и тој е супериорен третман за намалување на лузните од изгорениците. Ги повикувам сите повредени кои имаат дилема, страв, да се обратат во „Св. Наум Охридски“ или во Клиниката за пластичка хирургија. Тоа е најдобриот третман што можат да го добијат за повредите во моментот, потенцираше.

Воедно спомена и значително подобрување на состојбата кај пациент со тешки изгореници по еден месец третманот со плазма.

Во однос на физикалната терапија само еден пациент се третира во болницата „Св. Наум Охридски“, а сите други се третираат во Кочани. Таму има два физијатри и 4 физикални терапевти за тие 46 пациенти. Во меѓувреме е формиран тим од 15 физијатри и 6 физикални терапевти од Клиниката во Козе и од „8-ми Септември“ и тие ќе бидат на располагање на испомош на Општата болница во Кочани. Дел од овие физијатри ќе бидат вклучени во проценка на состојбата и каков е текот на рехабилитацијата на овие пациенти.

Досега, додаде, се оценети околу 160 повредени, недостасуваат уште 15 повредени кои во моментот на проценка не биле достапни, потенцирајќи дека Македонија има капацитет да го организира понатамошниот третман и рехабилитација на пациентите од трагедијата во Кочани.

Н.С.Ј.