Веќе 2о години во Центарот за кардио- васкуларни заболувања за пациентите кои се на рехабилитација се организираат  јога вежби, кои се изведуваат под стручен надзор на професорот по јога,  Ванчо Тасески.


Примената на специјализирана јога програма како дел од интегралната рехабилитација на пациентите во Заводот започнала во мај 1992, тогаш поддржана од  докторите во центарот: д-р Марјан Котлар, д-р Тоше Клишески, д-р Илија Прангоски и д-р Зимоски, потоа и од директорот, д-р Никола Бакрачески.


Програмата е прилагодена за рехабилитација на кардиоваскуларните заболувања и содржи практичен и едукативен дел. Практичниот дел содржи техники за релаксација, техники за дишење, психофизички вежби, асани и техники на прочистување.

– Со оваа програма се активира телото без дополнително оптретување на срцето, се подобрува циркулацијата на крвта, се олеснува и подобрува работата на кардиоваскуларниот систем, се учи како да се подобри психичката и физичката релаксација, се подобрува процесот на дишење, се зголемува отпорноста кон стресот, се учат основите на свесно пешачење за зголемување на физичката и психичката издржливост, координација на движење и дишење и зголемување на кондицијата. Резултатите и искуствата од овој проект се сумирани во истражувачка студија и се презентирани на домашни и меѓународни научни конгреси и симпозиуми за медицината, јогата и холистичката медицина, објаснува професорот по јога, Тасески.


До сега над 1500 пациенти кои биле на рехабилитација во центарот  стекнале вештина и знаење како да се справат со болестите и како да си го олеснат животот преку јога вежбите. Во неколку наврати, јога вежбите биле користени и како дел од програмата за рехабилитација и во дел од останатите здравствени установи во Охрид и Струга.

Современиот начин на живот кој кај многу луѓе наметнува појава на хроничен стрес најчесто е причина за кардиоваскулраните заболувања. Јогата како систем на техники за постигнување и одржување здраво тело, емоционална стабилност и духовен развој, овозможува да се влијае врз ризичните фактори, и превентивно да се влијае преку контролирање на стресот и активноста, додаваат стручните лица.

OhridNews