
Две децении патот за Галичица затворен во зима
Познатиот охридски угостител, Илче Џепароски, кажува дека деновиве со група параглајдеристи од Словенија сакале да се прошетаат по падините на Галичица, но не го сториле тоа за да не бидат казнети.
–Може да се оди со возило на Галичица само на сопствена одговорност, но не е дозволено тој да се употребува, а полицијата строго казнува доколку се користи тој пат. Тоа е штета за Охрид и за туризмот и затоа ги повикувам сите релевантни фактори во најкус можен рок да го решат ова прашање, за да можат охриѓани и туристите да го поминуваат слободното време на познатите излетнички места на Галичица, рече Џепароски.
На ваквата состојба со години реагира и Локалната самоуправа која исто така бара патот на Галичица да се одржува и во зима, за да можат да се искористат можностите кои оваа планина ги нуди за развој на туризмот. Од Македонија пат укажуваат дека во моментов не постојат технички услови за одржување на овој патен правец, а според надлежните нема ниту економска оправданост за тоа, затоа што на Галичица не постојат туристички содржини кои масовно се користат. Ваквото оправдување според експертите не држи затоа што основен предуслов за развој на туризмот претставува токму инфраструктурата, која целосно е запоставена од државата.

Според одредени проценки, за да се обезбеди континуирана проодност на патниот правец Р-504, треба да има посебен пункт на Галичица и да се подобри безбедноста на патот кој е изграден во средината од минатиот век, што според груби пресметки на експертите би чинело неколку милиони евра.
Патот преку Галичица повторно прооден ќе биде на пролет.












