Благодарение на пожртвуваноста на капетанот на бродот, Сотир Филески и присебноста на посадите на бродовите „Александрија“ и „Кристина“ и други храбри граѓани беа спасени 38 туристи од Бугарија и туристички водич од Охрид.
По неколкумесечна истрага Основниот суд во Охрид подигна обвинение за предизвикување тешки дела по безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, против капетанот на бродот „Илинден“ Сотир Филески и овластениот претставник на германски Лојд, Бранко Баиќ , кој го извршил техничкиот преглед на пловилото. И двајцата беа прогласени за виновни и им беше изречена казна затвор од по една година.
Судот ги задолжи осудените солидарно да ја надоместат кривичната штета во висина од 2,5 милиони денари, а според најавите на правните застапници преживеаните патници и семејствата на загинатите бугарски туристи своите оштетни побарувања ќе ги истакнат во посебна граѓанска постапка. Одговорност се бара и од институциите за кои сметаат дека исто така треба да сносат дел од вината за најголемата бродска несреќа во историјата на Македонија.
Двегодишнината од трагедијата кај Елешец денеска ќе биде одбележана со црковен помен и положување цвеќе пред споменикот на загинатите туристи на градскиот кеј.