Денеска се навршуваат две години од трагичниот настан во кој животот од струен удар на нелегален шанк поставен на плажата „Галеб“ во центарот на Струга, го загубија д-р Јосиф Докоски, д-р Киро Ѓоргоноски и Јонче Кувенџиески.

На ова место лани беше поставено спомен обележје на кое во акростих се испишани стихови посветени на тројцата неразделни пријатели.

-Ова треба да биде паметник на едно време на една човечка неодговорност и негрижа, спомен на болка и многу пати поставуваното прашање дали требаше да се случи ваква трагедија. Во исто време ова треба да биде место на надеж дека трагично загинатите на кои им беше одземен животот и радоста не се заборавени. Нивната и наша трагедија треба да опоменува, предупредува и променува.- порачаа тогаш блиските на загинатите.

Трагичниот настан се случи на 11 септември 2010 година. По завршување на истрагата беше покренато обвинение против сопствениците на шанкот Цвете Вранишкоски, Климе Миладиноски и Гоце Јанески, кои Основниот суд во Струга ги прогласи виновни за кривичното дело „Предизвикување тешки дела против општата сигурност на луѓето“ и им изрече вкупна казна затвор во траење од 10 години и 4 месеци. Во ноември минатата година Апелациониот суд во Битола расправајќи по жалба на обвинетите ја укина оваа пресуда и предметот го врати на повторно судење. Овој судски процес се’ уште трае, а ново рочиште треба да се одржи токму денес на двегодишнината од големата трагедија.

OhridNews