На 21 февруари, попладнето во 16:35ч., од страна на Итната Медицинска Помош Охрид, била побарана асистенција од Планинската спасителна служба -ПСС, при интервенција на повредено момче во месноста „Лабино“, кое поради невнимание и подлизнување, се здобило со сериозна повреда во пределот на левото колено.

Поради непристапноста на теренот за возилото на Итната Медицинска Помош, Планинската Спасителна Служба ги алармираше своите волонтери, од кои дел, за среќа живеат во непосредна близина и први стигнаа на местото со приватен пловен објект. Истите ја пренесоа и лекарската екипа, која на повредениот веднаш му укажа лекарска помош за намалување на болките, додека пристигнуваше другиот тим од ПСС со специјализирана опрема за имобилизација и безбеден транспорт. По комплетната имобилизација, повредениот со помош на пловниот објект, беше пренесен до возилото на ИМП и понатаму транспортиран до Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ Охрид, на понатамошен третман. Акцијата заврши во 17:20ч. – информира ПСС

Еден час подоцна, во 18:20ч. дежурниот СОС телефон на ПСС повторно заѕвонил, но овој пат со пријава и молба за спасување на домашно милениче, мачка, која се качила на дрво, на 15-ина метри висина и веќе четврта вечер не може да слезе. Мобилизиран бил тим на на Планинската спасителна служба, кој се упатил кон овоштарникот, во близина на манастирот Св. Наум, каде во 20:00ч. успеа безбедно да го спушти миленичето од високото дрво и да ги смири загрижените сопственици.

OhridNews